Документарниот филм „1000 години Сведок на Светлината“ ќе се емитува на МТВ на 15 април 2022, со почеток во 19:30 часот. Истовремено ќе биде достапен за гледање и на официјалниот YouTube канал на Бигорскиот Манастир. Линкот за гледање ќе биде достапен неколку дена пред прикажувањето на филмот.
„1000 години Сведок на Светлината“ е документарен филм за Бигорски Манастир. Симболиката е на секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, кој сведочи за една друга убавина – не од овој свет. Тоа е токму онаа убавина, оној елемент, петтиот, кој е самата смисла на веќе добро познатите четири елементи. Тоа е токму тој елемент кој многумина мудри и просветлени философи го положиле во центарот, како есенцијална смисла на просветлувањето, оттаму и дека „Убавината ќе го спаси светот“. Овој филм е токму за таа „Убавина“, што веќе еднаш го спаси светот…
„Сведокот на светлината“ транзитира, поставувајќи темели на една подруга документаристика за Бигорскиот Манастир. Досега бевме навикнати само на еден репортажен пристап. Овој филм отвора перспектива на оригиналност, автентичност, непосредност и доживеаност. Тој е складен со традицијата и наративот, но има и нешто ново и оригинално, нешто свое. Без овие нешта хоризонтот на филмот останува затворен или сувопарен.
Филмот е направен по Режија и сценарио на Илија Ико Каров, а актер е Благој Веселинов. Снимен е под КАТ Продукција.