И Германец во водите на Треска
Околу 200 граѓани од цела Македонија, но и неколку од Србија, Босна, Хрватска, па дури и еден Германец, кој треба да стане македонски зет, вчера ја примија православната вера, крштавајќи се во реката Треска. Најмладиот што ја прими православната вера беше двомесечната Анастасија, која беше крстена заедно со нејзиниот татко
Околу 200 граѓани од цела Македонија, но и неколку од Србија, Босна, Хрватска, па дури и еден Германец, кој треба да стане македонски зет, вчера ја примија православната вера крштавајќи се во студените води на реката Треска. Во групното крштавање учествуваа верници од сите возрасти, при што најмладиот учесник беше двомесечната Анастасија од Гостивар, која се крштаваше заедно со својот татко, додека најстариот имаше 60 години. И годинава, како и изминатите девет, почетокот на крштевањето беше означен со свечената литургија која се одржа во манастирот "Света Богородица" кај Матка, каде учесниците облечени во бели кошули со извезен крст и свеќа во раце ја кажуваа покајната молитва. Реката Треска пак, вчера, претставуваше синоним на Јордан, реката во Израел, каде беше крстен и Исус Христос.
- Ваквото крштавање е практикувано во почетокот на христијанството. Затоа ние како црква одлучивме еднаш во годината оние луѓе кои во време на едноумие и атеизам не биле крстени, а потекнуваат од православните христијански семејства, да се крстат и да ја осознааат својата православна вера, изјави вчера митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој во сослужение на повеќе свештенослужители го изврши крштавањето. Тој напомена дека во изминатите години неколку илјади луѓе се крстени на овој начин.
Присутните, пак, не ја сокриваа возбудата од фактот дека се учесници на овој свечен чин. Според организаторот, мисионерско-хуманитарна организација "Ѓаконија", околу 80 отсто од верниците беа на возраст од 25 до 35 години, а се крштаваа и цели семејства.
- За вакво крштавање дознав од телевизија и чинот е навистина свечен и посебен, вели 23-годишна Катерина од Охрид, која се крштаваше заедно со мајката и сестрата. Во групната крштевка учествуваше и Тодоровски Васко од Скопје, кој вели дека небил крстен како мал, а бидејќи со години сакол да го направи тоа, одлучил сам да отиде во Соборниот храм. Сепак, на крај се одлучил тоа да се случи тука на реката Треска, бидејќи се работи за посебно доживување.
Веднаш по крштевањето новокрстените заедно со нивните најблиски, кои во голем број дојдоа да го проследат настанот, присуствуваа и на заеднички ручек во манастирот.
Даниела ТРАЈКОВСКА- Вечер
Посети: {moshits}