ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ НОВА КНИГА „ПРЕПОДОБЕН ЈОСИФ ИСИХАСТ“ - МОНАХ ЈОСИФ,
превод Сестринството на Слепченскиот Манастир
НАРАЧКИ ВО ИНБОКС ПРАЌАМЕ ПО КАРГО
Предговор: Брате во Господа и мој драг читателу!
Бидејќи гледам дека жеднееш како елен и дека, не само што се стремиш кон изворите на небесните води од Божествена благодат, туку и со огнена Љубов ги посакуваш, така и јас, поттикнат од Божествениот Дух, по словото Господово, го поставувам на светилникот на светлината она што го преполнува моето срце (Мт. 5, 15), опојасувајќи се, да не бидам осуден заедно со оној лукав и неблагодарен слуга, кој го сокрил талантот на дарот Божји. Ако и ми недостига ученост, сепак јас, вооружувајќи се со божествена смелост, се зафаќам за овој труд и, заборавајќи ја мерата на својата неспособност и незнаење, се потпирам на молитвите на светите Отци наши, со помош Божја и со содејство на вашите молитви започнувам да го откривам особеното и делумно простото монашко и подвижничко житие и тоа на каков начин се добива посакуваното за оној кој се стреми да го добие Небесното Царство и да стане причесник на вечните блага по благодатта и човекољубието Божјо. Ти возљубен не се оптеретувај со изучување на моите зборови, но читај ги почесто, додека тие не се запечатат во длабочината на твојата душа, и тогаш таа, зачната, ќе донесе обилни и добри плодови, а ти ќе ми оддадеш голема благодарност за добиената полза. И не обраќај внимание на моите зборови ако ти се чинат прости и бесполезни, затоа што тие се подвижнички слова на Отците, просветлени од Благодатта Божја, од кои јас се научив и од чии плодови според мојата мера вкусив, и затоа што јас како необразован, вложив многу труд за да го напишам ова. А сега готови ги поставувам пред очите твои, буквално како трпеза со разновидна храна или како рај од сладости, исполнет со различни плодоносни дрвја. И така, ако сакаш да стекнеш полза, не одлагај, но кинејќи плодови, непрестајно вкусувај ги и помазувај ги своите рани со целебниот балзам, исцелувај ја својата душа, за да го достигнеш Вечниот Живот и да ги избегнеш прелестите на древниот непријател, кој неотстапно владее со нас, лишувајќи нѐ од спасението. Да биде така Господи, да се избавиме од лукавиот и со Тебе, Најслаткиот Бог наш, да се просветлиме од Вистината „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ (Јн. 14, 6), во Која е Твојата слава и великата милост. Амин.