Божествена Литургија во Водоча (03.09.2023 13:19)
Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата, меѓу другото, Владиката рече:
„Господ, преку евангелските заповеди, сите нас нѐ повикува на одреден начин на живот, а тоа е благодарењето. Што од тоа што Му го принесуваме на Бог не е Негово? Од Твоите дарови на Тебе Ти принесуваме за сите и за сѐ. Бог ни се дава целосно, преку Својата несоздадена енергија; ние, колку Му се принесуваме?
Ваквиот начин на живот, на кој секој човек е повикан, го остваруваме, пред сѐ, како тајна на внатрешното, царско и есхатолошко Свештенство: самите себе, еден со друг и целиот наш живот на Христа Бога да Му го предадеме. Севкупното и целовремено наше принесување Нему не може да биде само некоја „работа“ или „звање“, за која одозгора и нѐ плаќаат. Тоа што Бог ни го дава како Негов личен дар за секој еден од нас, а коешто ние Му го принесуваме како наш личносно додаден дар Нему, како е можно и да го наплаќаме? Тука нешто многу не е во ред“.
http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7860