Излезе од печат новата книга на Митрополитот Струмички Наум: „Длабоко срце“ (30.11.2023 17:19)
Деновиве, по повод празникот на Свети Григориј Палама – заштитникот на Струмичката епархија, излезе од печат новата книга на Митрополитот Струмички Наум – „Длабоко срце“, во издание на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, Велјуса. Книгата е издадена по повод една година од воспоставувањето и на официјалното канонско и евхаристиско единство на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Јустинијана Прима со Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.
***
„Животот е постојана борба. Дури и љубовта е тоа. Престанеш ли да се бориш – ни љубиш, ни живееш.
Можноста да го љубиме другиот ни се отвора откако ќе го победиме своето самољубие. Љубовта е единствената сила на која ѝ успева оваа победа.
Човекот е заглавен во несогледливиот лавиринт на своето самољубие. Излез? Љубов кон другите.
Луѓето се зависни битија. Но, едно е да си зависен од слободата и љубовта, а друго од своите нагони. Зборуваме, пред сè, за духовна слобода и духовна љубов.
Ако се љубиме – посебни сме. По љубовта ќе нè познаат дека сме посебни и дека не сме од тука.
Или сме радосни деца на љубовната слобода, или секој сам си избира кому и на што во маки ќе му робува.
Сè додека постојат луѓе кои на злото одговараат со љубов и овој свет ќе постои.
Зошто љубам? За да имам за кого да умрам.“ (извадок од книгата)
http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7884