Молитвата е најубавиот израз на верата во Бога. Таа е крик, кој избликнува од душата на оној кој верува и се доверува на Бога. Бог ја препознава искрената и вистинска молитва, набрзо делува и ја исполнува.
Во воведот од денешново слово говоревме за случката поврзана со големиот австриски хирург др Лоренц и нељубезната мајка на едно болно девојче од Виена.
Денешното евангелско четиво пак, ни говори за Најголемиот Лекар во светот - Господ Исус, Кој го посетил градот Ерихон... Таму еден слепороден човек седел крај патот и просел. Тој штом ја чул вревата, прашал што се случува. Тие му рекле: "Минува Исус од Назарет." Тој не гледа, не знае дали Исус е блиску или далеку, но чувствува, го сфаќа тоа преку мноштвото кое во еден момент се зголемува и се приближува. Но, потполно е сам, никој не се грижи за него. Тој започнува силно да вика по Спасителот да му помогне, но неговиот вик им смета на другите, го укоруваат, го замолчунаат, но тој истрајува. Започнал да вика уште посилно: "Сине Давидов, помилуј ме!"