Денес, на Бадник, кога Црквата го празнува споменот на преподобната маченичка Евгенија, отец Томе Атанасовски отслужи Божествена Литургија во храмот на св.вмч.Димитриј во Скопје. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Свето Евангелие и Апостол ( Бадник)
Евангелие според светиот апостол Лука глава 2 стихови 1-20:
1. Во тие дни излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители.
2. Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија.
3. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град.
4. Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово,
5. за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна.
6. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди
7. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница.
8. Имаше пастири во тој крај, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо.
9. И одеднаш се јави ангел Господов меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу.
10. А ангелот им рече: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе;
11. зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ;
12. и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.”
13. И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи:
14. Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!
15. Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа помеѓу себе: „Да отидеме во Витлеем и да видиме што станало таму, за кое ни соопшти Господ.”
16. И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосифа, и Младенецот како лежи во јасли.
17. А штом видоа, кажаа сè што им беше речено за Тоа Дете.
18. И сите, што чуја, се восхитуваа на сето она што им расправаа пастирите.
19. А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое.
20. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Бог за сè она што чуја и видоа, како што им беше речено.
Посланието на апостол Павле до Евреите, поглавје 1, стихови 1 - 12:
1. Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на оците наши преку пророците,
2. во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сè, +преку Кого ги создаде и вековите
3. и Кој, бидејќи светлост на славата и обличје на Неговото суштество, и држејќи сè со Своето моќно слово, откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на величието во висините
4. и стана толку погорен од ангелите, во колку пославно име од нив наследи.
5. Зашто кому од ангелите му рекол некогаш: „Ти си Син Мој, Јас Те родив денес”, и пак: „Јас ќе Му бидам Татко, а Он ќе ми биде Син?”
6. Исто така, кога Го воведе Првородниот во вселената, рече: „Да Му се поклонат сите ангели Божји!”
7. За ангелите, пак, е речено: „Ти ги правиш ангелите Свои духови, и служителите Свои оган пламенен”,
8. а за Синот: „Твојот престол, Боже, е вечен” и „Жезалот на правдата е жезал на царството Твое.
9. Тебе Ти омиле правдата, а омрзна беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со елеј на радоста повеќе од Твоите соучесници”.
10. И пак: „Во почетокот Ти, Господи, си ја основал земјата, а и небесата се дело на Твоите раце;
11. тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветвеат како облека;
12. ќе ги свиткаш какок наметало, и тие ќе се изменат: но Ти си секогаш Ист, и Твоите години нема да се свршат”.