Храм на св. Петка во Скопје
На 05. 12.2008 година, на празникот посветен на светата маченичка Кикилија (Цицилија), свети Калист, патријарх Цариградски и светиот маченик Менигнос, во храмот на света Петка, во Скопје, се отслужи Божествена Литургија. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни .
Евангелие и поука за 05/12/2008
Свето Евангелие од светиот апостол Лука (зач. 73)
Во тој ден пристапија кон Исуса некои од фарисеите и Му рекоа: „Излези и оди си одовде, оти Ирод сака да Те убие!“ И им рече: „Одете и кажете и на таа лисица: еве, истерувам бесови, и лекувам денес и утре - и на третиот ден ќе свршам; но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не бива пророк да загине надвор од Ерусалим. Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш пратените при тебе, колкупати сакав да ги соберам чедата свои, како квачка пилињата свои под крилја, но не сакавте. И ете, домот ваш ќе ви се остави пуст. И Јас ви велам, дека нема да Ме видите се дури не дојде времето да кажете: „Благословен е Оној што иде во името Господово!“
Старец Софрониј
Академската теологија не е доволна за спасение! Читајте ги главно аскетските отци! Таму ќе ја научите вистинската теологија, ставот на умот и на срцето пред Бога. Чистата молитва не им се дава на оние што многу изучуваат. Во оваа смисла, патот на теолошката наука не е воопшто ефикасен и ретко води кон чистата и усрдна молитва! Теологија е состојба на духот, остварена од благодатта Божја. Овде се наоѓа разликата помеѓу теологијата и философијата, помеѓу вистинската теологија и теологијата на интелектуалците. Ако едно такво вдахновение го допре вашето срце, тоа веќе не ќе има крај на земјава. Тоа е неисцрпно, зашто во него се наоѓа почетокот на вечниот живот. Ако дури и вашиот телесен состав се распадне, ова вдахновение ќе живее во вас со огромна моќ!