Кога благодатта ќе го посети срцето и ќе го исполни со божествена радост, душата бара зборови за да ја опише таа радост и не може да најде, бидејќи и највозвишениот збор се чини премалку за тоа неземно чувство. Ете таква беше радоста што светиот Претеча и Крстител им ја подари на големото мнозинство верници, придојдени во манастирот, вечерта спроти неговиот празник. Зашто, навистина, сé во манастирот ја радуваше душата и сите го почувствуваа присуството на големиот пророк и проповедник на покајанието, кој дојде да го посети својот дом и да го благослови новиот сопатник на патот кон чистота, сиромаштво и на потполно самоодрекување. Затоа, за време на вечерната служба, во треперливата светлина на свеќите, во атмосфера на молитвено византиско пеење, кога новиот брат ги полагаше своите монашки завети и се приброи кон бигорското свето братство, срцата на сите присутни упатуваа молитвени воздишки кон славниот покровител на оваа света обител, да го укрепи новозамонашениот о. Еразмо во подвигот што доброволно го избра - пожртвувано и до крај да му служи на Божествениот Жених, Кого го избра како најголемо богатство - како што напомна во својата проповед митрополит Тимотеј.