Скопје, 28 декември (МИА) - Трагите кои што ги оставила цивилизацијата и луѓето кои живееле на овие простори се единствениот сведок на нашето минато и нераздвоен дел од македонското битие, истакна премиерот Никола Груевски денеска на отворањето на изложбата „Македонската археологија 2008“, во Музејот на Македонија.
Земјата на која живееме, како што рече Груевски, со векови наназад била сведок на историските траги на едни далечни времиња, за да дојде денот, како што е овој денес, кога таа ни ги предава на нас, на нејзините денешни генерации.
- Оваа изложба претставува доказ за придобивката од инвестирањето во археолошките ископувања во годината што изминува. Владата на Република Македонија застана зад овие капитални истражувачки зафати затоа што верува дека во археолошките локалитети и другите културно-историски вредности првенствено опстојуваат фундаменталните основи на денешното и идното време, истакна премиерот.
Чувањето, грижата и заштитата на културните вредности кои останале на овие простори од минатото, како што посочи Груевски, е цивилизациски дострел на секоја општествена заедница.
- Сведоци сме на огромното богатство кое говори за илјадници години старата цивилизација на овие простори. Нашата археологија потврди дека Македонија има што да покаже пред очите на светот, рече Груевски.
Со резултатите од овие истражувања, како што истакна премиерот, се отсликуваат составните делови на идентитетот на македонскиот народ и другите етнички заедници во Република Македонија.
- За нас овие артефакти имаат непроценлива вредност бидејќи даваат белег на македонската култура и идентитет. Секој изложен експонат го открива духот на нашето минато, но најмногу говори за историјата, длабоката традиција и спецификите на овие простори, додаде Груевски.
Според него, преку збогатените витрини на македонските музеи Македонија ќе има и поголеми можности да се презентира пред светот и да се промовира кака нова и атрактивна туристичка дестинација.
Владата на Република Македонија, како што посочи премиерот, ќе продолжи и понатаму силно да ја поддржува културата, вклучувајќи ги и проектите за археолошките ископувања во државата. За 2009 година, како што рече Груевски, предвидено е да се работи на 15-тина локалитети, од кои целосно треба да бидат завршени локалитетите Марвинци, Хераклеја и Скопското кале, а во период од три години и Стоби.
На изложба се презентирани откриените материјали на локалитетите Скупи, Таор, Стоби, Стибера, Хераклеја, Плаошник, Енгелена, некрополите на Марвинци, Вардарски Рид, Цареви Кули, Виничко Келе, Исарот - Штип, Баргала, кастелот кај Кожле и Тетовското Кале.
На отворањето на изложбата се обратија и директорот на Музејот на Македонија Мери Пејоска-Аницин и директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, а присуствуваа членови на Владата, археолози и вљубеници во археологијата. дма/ми/14:09