На денот кога светата Божја Црква го празнува денот на Воздвижението на Чесниот крст, по повод пет години од изградбата на Милениумскиот крст на Водно, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан изврши водосвет и осветување на колач по повод празникот. Многумина верници се искачија на врвот на Водно за да го отпразнуваат овој голем христијански празник, на кој вистинска смисла и значење му даде беседата изговорена од Неговот Блаженство: “Крстот е украс на Скопје, но крстот како знамение пред се е пат на спасение на секој христијанин. Христос нашиот Господ, Кој пострада на крст, Е мерата според која треба секој од нас да живее“.
Архиепископот Стефан потсети за плановите дека на тоа место еден ден ќе биде изградена Црква и манастирски конаци.
При кршењето на колачот, златниот крст што беше ставен наместо златна паричка, оваа година се најде во рацете на Наум Петрески.
подготви: М.З./ К.Т.