Патувачката „Разоткривање - подвлечено сеќавање“ во Скопје
Слики, скулптури, инсталации, фотографии и видеа од 11 српски уметници ќе бидат претставени в понеделник, во 20 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“. Насловот на патувачката изложба е „Разоткривање - подвлечено сеќавање“ и станува збор за дела создавани во последните две децении. Кустосот на Културниот центар во Белград, Александра Естела Бјелица Младеновиќ вели дека на изложбата ќе биде прикажан кремот на српската уметничка сцена, уметници што се добро познати на меѓународната уметничка сцена.
- Кога размислувавме на кој начин да ја претставиме српската современа уметност, темата сеќавање ни дојде сосема природно. Сакавме да претставиме дела што се создадени во последниве 20 години, а се' уште се активни и по тема и по дијалог. Сеќавањата, личното искуство, фамилијарните албуми, духовитите коментари за разни процеси на социјалното однесување и развој, се материјалите со кои се служеле овие уметници - вели Младеновиќ.
Со свои дела ќе се претстават Мрџан Баиќ, Аница Вучетиќ, Габриел Глид, Марија Драгојловиќ, Билјана Ѓурѓевиќ, Здравко Јоксимовиќ, Душан Оташевиќ, Владимир Периќ, Милета Продановиќ, Александар Рафајловиќ и Вера Стефановиќ.Патувачката изложба гостуваше во Франција, а по Скопје ќе биде претставена во Бања Лука и во Солун.