Засветли, Крсту Господов, засветли со благодатната светлина над срцата на оние кои те почитуваат. Со боговдахновена љубов те целиваме, о, Желбо на вселената. Преку тебе солзите на тагата се избришаа, избавени бевме од замките на смртта и преминавме во вечна радост. Покажи ни ја славата на твојата убавина и подари ни, на слугите твои, награда за воздржанието, зашто пристапуваме со вера кон твојата моќна заштита и голема милост.
Вечерна, Поклонение на Чесниот Крст
Поуки на светите отци: ...треба да се вежбаме подеднакво во сите божествени закони, особено во оној кој не повикува да не го сметаме ниту еден човек за свој непријател, ниту долго да го држиме гневот во себе, туку веднаш да настојуваме да се помириме.
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Милостив Господи, Божествен Учителу, биди навек близу нас! Научи не да го љубиме Твојот Чесен Крст. Секогаш нека не потсетува на Твојата голема љубов и благоутробие кон нас. Помогни ни секогаш да бидеме достојни за таква љубов и нека ни биде Твојот Чесен Крст секогаш наша крепост и заштита.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 8, 13-22; 9, 1-7
Битие 6, 9-22
Соломонови Изреки 8, 1-21
Созерцание: Јас ги љубам сите оние кои мене ме љубат и оние кои ме бараат, ме наоѓаат.
Соломонови Изреки 8, 17
Подготви: А.Л
Од Православен календар на МПЦ
Светите маченици Евтропиј, Клеоник и Василиск 16/03/2009
Му беа другари на Св. Теодор Тирон. Кога славниот Теодор славно и умре, тие останаа во затворот после него и уште долго не беа осудени, зашто се обавуваше смената на царскиот намесник во градот Амесија. Кога стигна новиот намесник, уште понечовечен од својот претходник, нареди и му ги изведоа овие тројца. Сите беа млади, Клеоник и Евтропиј беа родени браќа, а Василиск му беше роднина на Св. Теодор. Но според братската љубов меѓу нив како да беа тројца браќа. Така му рекоа и на намесникот: „Како што Света Троица е неделлива така и ние сме неделливи во верата и неразлачни во љубовта“. Сите ласкања на намесникот и сите обиди да го поткупи Евтропиј беа залудни. Тој прво го покани Евтропиј на вечера, но Евтропиј го одби со зборовите на Псалмот: „Блажен е оној човек кој не оди на совет безбожнички“ (Пс. 1, 1). Потоа намесникот му понуди и огромно богатство - сто и педесет литри сребро - но Евтропиј и за ова го одби потсетувајќи го дека Јуда за сребро си ја изгуби душата. После сите обиди, малтретирања и мачења Евтропиј и Клеоник беа осудени на смрт со распетие, а Василиск го убија со меч. Му благодареа на Бога Којшто ги удостои да заминат во радоста на Неговото Царство, во кое му тргнаа во пресрет на својот војвода Св. Теодор, прославен од Христа, Господ и Победникот. Чесно пострадаа во 308 година.
Света Пијамука Мисирска 16/03/2009
Заради Христа не сакаше да се мажи, а се предаде на подвижнички живот во домот на својата мајка. Земаше само малку храна, и тоа секој втор ден, а времето го минуваше во молитва и созерцание. Се удостои со дар на проѕорливост. Мирно се упокои предавајќи Му ја душата на својот Женик Христос, околу 377 година.
.
Посети:{moshits}