Отче Свети, слушајќи го гласот на Евангелието Господово, ти се одрече од светот сметајќи го богатството и славата негова за невредна и затоа на сите им воскликнуваше: »Љуби Го Бога и ќе најдеш голема милост. Ништо не ставај пред Неговата љубов, за кога ќе дојде во слава, можеш да најдеш покој со сите светии.« По неговите молитви, Христе Боже, сочувај ги и спаси ги нашите души.
Утрена, четврта седмица од постот
(Химна на Светиот Јован Лествичник)
Поуки на светите отци: Задржи го јазикот, кој беснее, да не би се впуштил во препирка. Седумдесет пати на ден фаќај се во борба со овој тиранин.
Свети Јован Лествичник
Молитва:
Помогни ни, Боже благи, секој ден да се држиме до животните начела на Господа наш Исуса Христа и да ги твориме делата кои се со Твој благослов. Господи, научи нè секогаш да се угледуваме на Твоите светители со длабоко почитување и вдахновување, та и ние да пребиваме во идното Твое Царство. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Послание до Евреите 6, 9-12
Свето Евангелие по Марко 7, 31-37
Созерцание: Зашто Бог не е неправеден па да го заборави вашето дело и трудот на љубовта која ја покажавте за Името Негово, послужувајќи и служејќи на светите.
Послание до Евреите 6, 10
Подготви: А.Л.
Од Православен календар на МПЦ
Светиот маченик Агапиј и седумтемина со него:
Публиј, Тимолај, Ромил, двајца Александри и двајца Дионисии 28/03/2009
Сите пострадаа од кнезот Урбан во Кесарија Палестинска во времето на царот Диоклецијан. Сите седуммина, освен Агапиј, беа сосем млади луѓе, а сѐ уште не беа христијани. И никогаш не се крстија со вода. Но се крстија со крв. Еден ден овие седум момчиња гледаа како ги мачат христијаните, едни на оган, други на бесилки, трети пред ѕверови, па гледајќи како поднесуваат маки со трпение, се распалија со ревност по Христа, самите си ги врзаа рацете наопаку и така врзани дојдоа пред Урбан велејќи: „И ние сме христијани!“ Залудни беа ласкањата и заканите на Урбан. На овие момчиња им се придружи и угледниот граѓанин Агапиј, кој дотогаш доста страдаше за Христа и почна уште повеќе да ја распалува кај нив верата и љубовта кон Господ. Беа сите убиени со меч во 303 година, кога заминаа во Небесното Царство на Господ Христос.
Светиот маченик Александар 28/03/2009
Од градот Сида Памфилиска. Намесникот на царот Аврелијан го запраша кој и што е тој. На ова Александар му одговори дека е пастир на Христовото стадо. „А каде е тоа стадо?“, беше следното прашање. Александар одговори: „Низ целиот свет живеат луѓето коишто Христос ги создаде; од нив оние што веруваат во Него се Неговите овци, а тие што се отпадници од Создателот и им робуваат на созданијата и на делата на рацете човечки, на мртвите идоли, како што правите вие, тие се отуѓени од Неговото стадо и на Страшниот Суд ќе застанат од Неговата лева страна како кози“. Злобниот судија нареди најпрво да го бијат со воловски жили, а по ова го фрлија во огнена печка. Но огнот не му наштети. Потоа му го стружеа месото. Најпосле судијата нареди и му ја отсекоа главата. Но штотуку ја изрече таа пресуда судијата подлегна под злиот дух и побесне. Како што урликаше го поведоа накај неговиот бог идол, но патем ја испушти својата зла душа. Свети Александар пострада меѓу 270 и 275 година.
Посети:{moshits}