На 21 март 2009 година, Неговото Високопросвештенство Митрополитот Европски г. Пимен беше во посета на македонската православна црковна општина “Св. Наум Охридски” во Виена, Австрија. Најнапред беше остварена средба со црковниот одбор при оваа црковна општина каде се договорени насоките за дејствување во наредниот период, најнапред тоа се однесува на обезбедување на храм каде што ќе се извршуваат редовни богослужби, за големите празници, а понатаму кога ќе се обезбедат услови за интензивирање на литургискиот живот, да се постави и редовен парохиски свештеник. Наредниот ден во Крстопоклоната недела кога Светата Црква си спомнува за светите четириесет Севастиски маченици беше отслужена Света архиерејска литургија каде верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
На 27 март 2009 година, Митрополитот Европски г. Пимен беше во посета на македонската амбасада во Берн, каде срдечно беше пречекан од Н.Е. амбасадорот на Р. Македонија во Швајцарската Конфедерација г. Јасмин Ќахил, по средбата во режија на амбасадорот беше посетен градот Монтре на Женевското езеро, каде при прошетката руски граѓани кои живееат таму пристапија за благослов од отец Пимен.
Посетата продолжи кон црковната општина “Св. Наум Охридски” во Тринген, Швајцарија каде на Светата Литургија на 28 март 2009 година, митрополитот Пимен го ракоположи ѓаконот Горан Мандаровски од Лозана за презвитер, а поставен за редовен парохиски свештеник при оваа наша црковна општина. По причестувањето со Светите Христови Тајни, надлежниот епархиски архиереј го претстави отец Горан пред верниот народ, укажувајќи на тоа дека литургискиот живот во оваа црковна општина ја реализира својата полнота со поставувањето на редовен парохиски свештеник. Остана за реализација довршувањето и осветувањето на храмот во изградба, каде градежните работи се одвиваат со полн интензитет. Во неделата посветена на свети Јован Лествичник, исто така беше отслужена Света архиерејска литургија, со благослов на Митрополит г. Пимен, во проповедта архимандрит Арсениј го упати верниот народ кон новопоставениот свештеник за раководтво во духовниот живот преку практикувањето на исповедта, молитвата, духовното раководење и редовното пристапување кон Телото и Крвта Христова.
Патувањето заврши со посета на црковната општина “Св. архангел Михаил”-Неиве, Италија, а продолжува кон Лондон во Обединетото Кралство.
Посети: {moshits}