Постојаност
Деца, денес го чествуваме денот на жените мироносици. Кога би ве прашал сега што би издвоиле вие, кои повеќе или помалку го знаете нивното житие, како најкарактеристично од севкупниот нивен подвиг во служењето на Богочовекот Христос, што би ми одговориле? Нели е тоа непоколебливо и постојано следење на Христос, без оглед на тоа што се случува со Него и без оглед на тоа какви последици од тоа можат да произлезат за нив самите. Нели е тоа односот кон Бог карактеристичен за чедата Божји, наспроти тој на робовите и наемниците.
Некаде, некој има убаво кажано дека колку повеќе се доближуваме до Голгота, следејќи Го верно Христос, толку помалку луѓе (духовни чеда, пријатели) гледаме околу нас. Но ништо чудно. Знаеме и од светото Евангелие дека истото се случило со Христос, Кој затоа нè предупредува и охрабрува: „Ако Мене Ме гонеа и вас ќе ве гонат“ (Јован 15, 20). Но што сакам, за мене нешто навистина посебно и воодушевувачко, да ви нагласам за жените мироносици? Во оној период од делувањето и проповедта на Богочовекот Христос кога Он чудесно исцелува луѓе болни и од најтешки болести па дури и мртви воскреснува, кога чудесно заситува илјадници гладни кои околу Него се собираат и кога како овоземен цар славно Го пречекуваат во Ерусалим, служењето и присуството на жените мироносици е скоро незабележливо, но во периодот кога започнуваат Неговите страдања, нивната верност и нивното присуство веднаш доаѓа до израз. Спротивно од однесувањето на масата, која дури и се врти против Него. Ова е и порака.
Иако ни се добро познати овие типови на однесување и од секојдневниот живот, особено негативниот избор, сепак да се задржиме на нив уште малку. И народната мудрост ги забележала во поговорката: во маката јунакот се познава. Голем впечаток ми остави и еден неодамна слушнат дијалог помеѓу двајца воини. Кога едниот го прашува другиот, зошто воопшто се бореле во битка за која однапред знаеле дека е изгубена, овој му одговара: „Потешко ни беше да бегаме отколку да се бориме“. Што да ви кажам, вистинска храна за секој борбен дух. Ние пак се бориме во војна за која однапред знаеме дека Христос ја извојувал и во која победил за нас. Не во некоја овоземна смисла, но тоа е друга тема. Жените мироносици ни го покажуваат патот. Не знам јас, нив Самиот Господ ги предочува за пример. После повторно ќе се најде некој да праша, зошто жени..? Но доста за ова. Прашањето е: како да достигнеме ние до таква внатрешна основа која го овозможува, ако треба, и ваквото надворешно однесување какво што гледаме кај жените мироносици?
Некои ќе речат дека љубовта е најважна на овој пат, некои ќе речат верата, а некои волјата. Не би зборувал меѓу нас за љубовта, затоа што за неа, во полна смисла на зборот, се зборува меѓу совршените, на пример меѓу жените мироносици. Не би зборувал ни за верата, затоа што таа, на почетокот, се подразбира. Би зборувал сега само за волјата, таа ни е потребна од почетокот на духовниот живот па сè до неговото восовршување. Како што отприлика рекол некој: Волјата е таа која го прави свети Антониј поголем пред Бог од останатите монаси од тоа време и од нас денес, додека по сè друго тој е сличен на сите нас. Волјата насочена кон извршување на Божјите заповеди без оглед на тешкотиите кои притоа ги сретнуваме е таа која од робовите и наемниците – според односот кон Бог, прави чеда Божји. Но, во кој случај и кога треба да се принудиме и цврсто да ја пројавиме оваа волја?
Сите знаеме дека на почетокот од нашиот духовен живот Божјата благодат отворено и јасно нè поткрепува во подвигот и тогаш сè ни изгледа лесно, и молитва и пост и послушание и љубов. И сите се здобивме со опитот дека таа потоа се сокрива од нас, или скриено нè поткрепува во подвигот, и понатаму сè ни изгледа безнадежно тешко. Слично нешто се случува и на степенот од просветлување. Благодатта знае толку силно да се пројави во срцето и толку силно да го привлече умот кон себе така што, без оглед на тоа што човек прави или што се случува околу него, молитвата однатре да тече. И благодатта знае толку многу да се скрие што одеднаш многу важни стануваат и некои надворешни услови и помошни методи за остварување на умносрдечната молитва, како што се: тишина, осамено и темно место, ниско седење, восогласено дишење и друго – на кои претходно човек не обрнувал внимание.
Битно е за нас, деца, дека Господ ни ги дава овие периоди на сокривање на благодатта Божја за наше духовно растење и восовршување. Секогаш кога ќе го напуштиме подвигот во периодот кога благодатта се крие, ние постапуваме како наемници и трговци. И обратно, секогаш кога ќе го продолжиме подвигот во периодот кога благодатта се крие, ние постапуваме како чеда Божји. Овие периоди можат да бидат пократки и почести, обично на почетокот од нивното појавување. И, овој период може да биде и долг, обично при крајот на подвигот на одреден степен од духовниот развој. Ви говорам за она сокривање на благодатта кое се случува за наше растење, а не за напуштањето на благодатта кое се случува заради нашите гревови. За да го постигнеме пак континуитетот во нашиот подвиг најмногу ни помага нашата волја поттикната од нашиот ум, од нашиот духовен разум. Значи треба да се принудиме самите себеси преку нашата цврсто пројавена волја да продолжиме со соодветниот подвиг и во периодот кога благодатта сокриено делува во нас, без оглед на тоа колку време ќе трае тоа.
Сакам уште нешто да ви кажам како утеха за крај. Кога ќе видите дека продолжува периодот на сокриено делување на благодатта и кога сè ви станува многу тешко, а вие сепак не го прекинувате вообичаениот и соодветен подвиг, па дури и го зголемувате, знајте дека сте на крајот од духовното растење на своето ниво. Континуитетот на подвигот во подолг и исклучиво тежок период на сокривање на благодатта е знак дека преминот од еден на друг степен од духовниот раст е многу блиску. Прекинување на подвигот во период кога благодатта се крие од нас е знак дека сè уште живееме како наемници и дека сè уште нема да го добиеме она што им следува на децата Божји, на вистинските и законити наследници на Преданието на нивниот небесен Отец. Жените мироносици, заедно со Богородица, први ја слушнаа веста за Христовото воскресение и први Го допреа Воскреснатиот Богочовек.
Митрополит Струмички Наум
Посети: {moshits}