Опело за покој на душата на чедото Божјо Тоше (17.10.2007)
Ковчегот со посмртните останки на Тоше Проески изутрината од неговиот дом беше пренесен во црквата на Пресвета Богородица во Крушево каде што се одржа опело со кое чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот повардарски г. Агатангел, Епископот хераклејски г. Климент и бројно свештенство.
Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан во своето обраќање рече дека Крушево и Македонија по 1903 не биле обвиени во ваква тага. - Тагува Крушево и жали Македонија и сите кои го знаевме Тоше. Го изгубивме најдоборто најталентираното момче преку чиј глас најмногу се слушна за Македонија. Воодушевуваше со гласот и песната своја и восхитуваше со своето богољубие, човекољубие и со својата благочестива душа. Разбра што е среќа, а не заборави што е мака. Неговиот последен концерт како да беше негово проштевање и збогување со Македонија. Се чини пееше како никогаш дотогаш. Замина со песна како што и дојде за да ни остане недопеана песна. Тоше нѐ научи на хуманост, вредност и искреност. Тоше замина премлад во легенда оставајќи непроценливо богатство. Пример кој треба да се следи и почитува. Ни ја остави својата песна за да нѐ крепи кога ќе ни биде тешко“, рече во прошталниот говор премиерот Никола Груевски. - Имаше ѕвезда, чисто срце и душа и волја со која покажа дека Македонија може и дека е рамноправна со сите. Ги врати вредностите до секоја генерација, до најмладите - дека соништата се остваруваат, до средовечените дека да се сака значи да се живее и да се живее значи да се сака и до најстарите - да се потсетат на надежта и да ја почувствуваат објективноста. Загина како што живееше сонувајќи за еден подобар свет, верувајќи во подобро утре и во луѓето. Груевски својот говор го заврши со молитва: „Господи, Тоше кој во цветот на својата младост премина од другата страна, прими го во твоите рајски предели, удостој го да се насладува од лицето на Синот Твој, татко на секоја утеха, Ти Кој го осветлуваш сонцето и ги веселиш со својата убавина пријателите Свои, душата на Своето чедо Тоше, за која во животот прибежиште беше крстот Твој. Се молиме сега нека ја види милоста и воскресната радост Твоја во денот на доаѓањето Твое, сега и секогаш во сите векови. Амин.“ Пред ковчегот со неговите посмртни останки претходно се поклонија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски. Со Тоше се збогуваа и членови на Владата, пратеници, претставници на дипломатскиот кор меѓу кои амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван Фуере, делегации на АРМ, на политички партии...Последна почит му оддадоа и претставници на македонската музичка сцена, соработници-композитори и естрадни имиња од соседните земји - Аки Рахимовски, Тони Цетински, Светлана Цеца Ражњатовиќ, Владо Георгиев... и сите за кои пееше Тоше кој токму оваа година одбележуваше 10 години од својата плодна музичка кариера. Известува: Македонска Информативна Агенција
Посети:{moshits}