На 9 август 2009 година се изврши првото групно крштевање на возрасни кандидати во рамките на мисионерско - просветната програма “ДА ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО КАКО ЦРКВА” која ја реализираме во рамките на Црковната Општина “Св. Георгиј Победоносец” - Чаир.
Кандидатите за крштевање, пред да се крстат - по заповедтта на нашиот Господ Исус Христос:
“Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот.” (Матеј. 28,19 - 20);
“Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода (Света тајна крштевање) и Дух (Света тајна миропомазување, примање на силата на Светиот Дух), не може да влезе во Царството Божјо; Зашто, роденото од тело, тело е, а роденото од Дух, дух е.” (Јован.35-6);
а и според каноните на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква:
Шести Вселенски собор - 78 канон
“Оние кои се подготвуваат за просветување (крштевање), треба да се поучуваат во верата, и во петиот ден од седмицата, да дадат одговор пред епископот или презвитерите.”
Шести Вселенски собор - 96 канон
“Оние кои преку крштевање се облекоа во Христа, со тоа дадоа завет дека ќе го подржуваат начинот на Неговиот живот во тело. “
Помесен собор во Лаодикеја - 46 канон
“Оние на кои им престои крштевање, треба да ја изучуваат верата и во петиот ден на седмицата да даваат одговор на епископот или на презвитерите”;
беа подготвувани, односно, воведувани во смислата на православната христијанска вера и духовност. Откако беа подготвени тие со вера и внатрешна отвореност учествуваа во Светата тајна Крштевање. Преку неа тие:
1. станаа учесници во Христовата искупителна и спасителна жртва, за свое очистување и подготвување за вечен живот;
2. станаа членови, органи на Христовото спасително Тело, на Неговата Црква.
Нашата програма за мисионерско - просветната активност “ДА ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО КАКО ЦРКВА” има за цел да се актуелизира авентичниот православен христијански духовен живот втемелен на:
1. Божјото откровение запишано во Светите книги на Стариот и Новиот Завет;
2. преданието на Православната Црквата запишано во нејзините канони и во делата на нејзините свети оци и учители.
Во рамките на програмата организираме, за почеток - секој четврток од 17 и 30, а ако има повеќе заинересирани во уште некој ден , духовни средби и предавања кои имаат за цел на посетителите да им помогнат да ја разберат содржината на Св. Писмо, да научат како истото да го читаат, а и усвоената порака Божја да ја практикуваат во својот личен, семеен, општествен и црковен живот.
Свештеничкото братство, при Црковната Општина “Св. Георгиј Победоносец” - Чаир, ги очекува следните кандидати кои сакаат да учествуваат во Св. Тајна Крштевање - која се извршува во духот на древното предание на Православната Црква, а и посетителите на духовните средби.
Со нас можете да стапите во контак на тел: 2622 - 455; 070 380 - 817; е – маил: ivicatodor@ yahoo.com, или повелете, на кафе или чај - муабет во свештеничката канцеларија на при храмот “Св. Георгиј Победоносец” - Чаир секој ден од 9 до 14 часот.
Секоја Недела (Господовиот ден) по Литургијата ораганизираме средби, разговори со учесниците на Литургијата.
презвитер Ивица Тодоров
парохиски свештеник во Ц. О. “Св. Георгиј Победоносец”
и раководител на програмата за мисионерско - просветна активност
“ДА ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО КАКО ЦРКВА”
На новокрстените, крштевањето да им е за спасение и вечен живот!
Посети: {moshits}