Третата година од Својата проповед на земјата Господ Исус почесто им зборуваше на Неговите ученици за Неговото скорешно страдање, но и за Неговата слава после страдањето на Крстот. За да не ги раслаби Неговото страдање та да отпаднат од Него, Он, Премудроста, сакаше пред да се случат страдањата делумно да им ја покаже Својата Божествена слава. Затоа ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и излезе со нив ноќе на гората Тавор и овде се преобрази пред нив. И заблеска лицето Негово како сонце, а облеката му побеле како снег. И се појавија покрај Него Мојсеј и Илија, големите старозаветни Пророци. И видоа учениците и се восхитија. И Петар рече: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија. Но додека Петар уште говореше, се оддалечија Мојсеј и Илија и сјаен облак ги опфати Господ и учениците и дојде глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“
Откако го слушнаа овој глас учениците паднаа ничкум на земјата како мртви и останаа така лежејќи во страв додека Господ не им пријде и рече: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17). Зошто Господ ги зеде само овие тројца ученици на Тавор, а не сите? Зашто Јуда не беше достоен да ја види Божествената слава на Учителот, Когошто тој ќе Го предаде, а Господ не сакаше него сам да го остави под гората, та да не може предавникот со тоа да го оправда своето предавство. Зошто се преобрази на гората, а не во долината? За да нѐ научи на две добродетели: на трудољубие и богомислие. Зашто искачувањето на височина бара труд, а височината ја претставува височината на нашите мисли, т.е богомислието. Зошто се преобрази ноќе? Бидејќи ноќта е попогодна за молитва и богомислие одошто денот и ноќта ја закрива со темнина целата земна убавина, а ја открива убавината на ѕвезденото небо. Зошто се јавија Мосјесј и Илија? За да ја разбијат еврејската заблуда дека Христос е некој од Пророците, Илија, Еремија или некој друг - затоа
Он се јавува како Цар над пророците, и затоа Мосеј и Илија се јавуваат како слуги Негови. Дотогаш Господ многупати им ја покажуваше на учениците Својата Божествена моќ, а на Тавор им ја покажа Својата Божествена природа. Тоа видение на Неговото Божество и слушањето на небесното сведоштво за Него како за Син Божји требаше да им послужи на учениците во деновите на страдањето Господово за укрепување на непоколебливата вера во Него и во Неговата крајна победа.
Песна 7.
Ирмос: Во она време во Вавилон, Авраамовите момчиња го победија пламенот во печката, пеејќи: Боже на татковците наши, благословен си.
Озарени од светлината на непристапната слава, на Таворската Гора, апостолите Христови викаа: Боже на татковците наши, благословен си.
Восхитени од божествениот сјај, од росодателниот облак и од Твојот зрак, апостолите пееја: Боже на татковците наши, благословен си.
Кога Те виде на Таворската Гора како болскаш, Христе, во непристапната светлина, Петар повика: Боже на татковците наши, благословен си.
Синовите Зеведееви, придружувајќи Го началникот на животот - Христа, кога Он ја испушти Својата божествена светлина, тие загрмеа: Боже на татковците наши, благословен си.
Вториот канон.
Ирмос: Еврејските момчиња во печката пламенот смело го изгаснаа и огнот во роса го претворија, викајќи: Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Сега невидливото божество во тело, кое засветли на Таворската Гора, беше видено од апостолите, кои виќаа: Боже на татковците наши, благословен си.
На Таворската Гора апостолите беа обземени од страв и восхитени пред сјајот на божественото царство, викајќи: Боже на татковците наши, благословен си.
Сега беше слушната вест нечуена: Синот што Дева Го роди без татко, од гласот на Отецот славно се посведочува дека е истовремено и Бог и човек за вечноста.
Ти си возљубен син на Севишниот по природа, а не по посинување, вечниот Бог Кој неизменливо ни се приближи нам, кои Ти викаме: Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Катавасија: Безумната заповед на мачителот ги потресе луѓето; закани и богохулни зборови излегуваа од неговата уста, но гневот ѕверски не ги исплаши трите момчиња, ниту огнената печка, туку во пламенот, кој искреше при росоносниот ветар, тие пееја: Највоспеан Боже на татковците, и наш, благословен си.