Скопје, 15 септември 2009(МИА) - Околу 8.000 новозапишани студенти на 22-та факултета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска заедно имаа прв академски час во салата „Борис Трајковски“. На свеченото одбележување на почетокот на 2009/2010 успех во студирањето на новата генерација бруцоши им посакаа премиерот Никола Груевски и ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски.
- Стекнатите квалификации, образование, стручност и вештини секогаш ќе ви бидат од огромна полза. Знаењето е темелната, движечка сила во општеството и главен предуслов за успешноста, како на секој поединец, така и на државата. Успешна и просперитетна нација може да биде само нација богата со знаења, кои никој во иднина не ќе може да ви ги одземе, ниту да ви ги оспори. Тие ќе бидат вашето најголемо богатство, вашата сила, вашата моќ, истакна премиерот Груевски.
Тој ја поздрави одлуката на младите луѓе да го продолжат својот образовен пат, нагласувајќи ја важноста на таквата одлука врз квалитетот на нивниот живот и додаде дека Владата од тие причини иницирала капитални проекти и инвестирала во системски подобрувања на образовниот процес и во интелектуален развој на земјата.
- Резултатите кои почнаа да пристигнуваат се исклучително позитивни и охрабрувачки, рече Груевски, посочувајќи на податокот дека во 2008 година бројот на дипломирани во споредба со 2007 е зголемен за речиси 30 проценти.
Ректорот Стојковски им го честиташе изборот на бруцошите да студираат на најстариот универзитет во Македонија, кој годинава одбележува 60 години постоење.
- Тоа е чест, но и голема обврска, зашто треба да ги чувате и да продолжите да ги развивате начелата на кои се темели нашиот Универзитет - знаењето, идеалите на науката, автономијата и хуманизмот. Изборот да го продолжите вашето образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е вистинскиот. Нашиот универзитет е познат и признат во светски рамки, а според податоците е најдобро рангиран универзитет во Република Македонија, далеку пред другите универзитети во нашата држава, истакна Стојковски.
На студентите им беа претставени проректорите на УКИМ и деканите на факултетите, а симболично им беа врачени првите индекси на неколку студенти. Своите нови колеги ги поздрави и претседателот на Студентскиот парламент на УКИМ Самоил Малчески.
На факултетите каде што се уште има слободни места, утре е пријавувањето кандидати во третиот уписен рок. Согласно Законот за високо образование, од оваа година факултетите почнуваат да работат на 15 септември, наместо на 1 октомври како во минатите академски години. Новина во 2009/2010 година е и тоа што во состав на УКИМ со посебен статус е и Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. хс/паг/14:15
Посети:{moshits}