Псалм 6
Покајничка молитва. Надеж во помошта од Господ
1 Господи не карај ме во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој.
2 Смилувај се на мене, Господи, бидејќи сум немоќен; исцели ме, Господи, зашто коските ми се тресат;
3 и душата ми е потресена. А Ти, Господи до кога?
4 Врати се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја,
5 бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?
6 Се уморив воздивнувајќи; секоја нок го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја.
7 Од скрб ми се помрачи окото мое, ми ослабе поради сите мои непријатели.
8 Отстапете од мене сите вие, кои вршите неправда, зашто Господ го услиша гласот на мојот плач.
9 Господ ја услиша молбата моја, Господ ја прими молитвата моја.
10 Ќе се посрамат и уплашат сите мои непријатели; ќе се повлечат и веднаш ќе се заерамат.
Слава:
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здручение на Р.Македонија