ПСАЛМ 9
Благодарствена песна поради спасување од непријателите
1 Те прославувам Тебе, Господи, со сето срце свое, ги раскажувам сите чудеса Твои;
2 се радувам и се веселам во Тебе, го воспевам името Твое, Севишен!
3 Кога се повлекоа непријателите мои, се сопнаа, и погинаа пред Тебе.
4 Бидејќи Ти се зазеде за мене и ме одбрани; седна на престолот Свој, досуди праведен суд.
5 Им запрети на незнабошците, го погуби нечестивиот; името им го сотре за сите векови.
6 Непријателот исчезна во вечни урнатини; градовите му ги разруши, и загина споменот за нив.
7 Но Господ вечно седи на престолот; го подготвил престолот Свој за суд;
8 Тој Ќе му суди на светот според правда, на луѓето ќе им суди праведно.
9 Господ им е тврдина на угнетените, крепост во време на неволја.
10 Нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое, бидејќи не ги оставаш оние што Те бараат.
11 Пејте Му на Господ Кој живее на Сион, кажувајте ги на народите делата Негови;
12 бидејќи Тој се одмаздува за крв; ја помни; не ги заборава пискотниците на угнетените.
13 Смилувај се, Господи, на мене; погледај како страдам од непријателите мои, Ти, Кој ме избавуваш од портите на смртта.
14 За да можам да ги искажам сите славослови за Тебе пред портите на ќерката Сионска и да воскликнувам радосно за спасението Твое.
15 Попаѓаа незнабошците во јама, што сами ја направија; во замка, која сами ја наместија, се фати ногата нивна.
16 Господ се појави и пресуди; во делата на рацете свои грешникот се заплетува.
17 ќе заминат во пеколот сите грешници, сите народи, кои Бога Го забораваат.
18 Зашто нема засекогаш да биде заборавен сиромавиот, и надежта на бедните нема никогаш да пропадне.
19 Стани, Господи, за да не се засили човекот; народите нека примаат суд пред Тебе.
20 Заплаши ги, Господи, за да разберат незнабошците дека се само луѓе.
21 Зошто стоиш далеку Господи, зошто се сокриваш во време на неволји?
22 Во горделивоста нечестивиот ги мачи бедните бездушно, и тие паѓаат во замките негови.
23 Бидејќи грешникот се гордее со лакомоството на душата своја, колне и Господа го презира.
24 Во својата горделивост, грешникот вели: „ќе нема истрага!”, а во себе мисли: „Бог не постои!”
25 Патиштата негови се секогаш успешни, судовите Твои се многу високи, за да мисли на нив, а на непријателите свои им се потсмева.
26 И во срцето свое си вели: нема да бидам соборен, во ниеден род зло нема да ме снајде!
27 Устата му е полна со клетви, измами и навреди; под јазикот негов пакост и неправда.
28 Седи во заседа покрај селата, на скришни места за да убива невини, очите негови демнат беспомошни.
29 Исчекува скришум како лав во пештера, со намера да фати беден, и кога Ќе фати, го одвлекува во својата мрежа.
30 Се притајува, прилегнува и тогаш беспомошниот паѓа совладан.
31 Па вели во срцето свое: Бог заборавил, го сокрил лицето Свое, никогаш нема да види.
32 Стани, Господи, Боже мој, нека се крене раката Твоја, не ги заборавај угнетените.
33 Зошто безбожникот Го презира Бога, зошто во срцето свое да вели – Бог не казнува?
34 Но Ти гледаш, зашто ги забележуваш маките и навредите; во Свои раце ги одмеруваш; беспомошниот Тебе Ти се предава, Ти си му помошник на сиракот, бедниот Тебе ти се предава.
35 Сотри ја мишката на грешникот и на лукавиот; казни му ја пакоста за да ја нема повеќе!
36 Господ е вечен цар, во сите времиња; ќе ги снема незнабошците од земјата Негова.
37 Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките; закрепи ги срцата нивни, отвори го увото Свое!
38 Дај правда за сиракот и за угнетениот, па да престане човекот на земјата да задава страв.