ПСАЛМ 18
Божјата слава во создавањето и Законот Негов
1 Небесата ја објавуваат Божјата слава, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен.
2 Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива.
3 Нема јазик, ниту пак говор, во кој не се слуша нивниот глас.
4 Сепак, нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиШ тата на светот. На небото му постави шатор на сонцето, кое
5 излегува како младоженец од брачното легло, се радува како силен јунак што ја прелетува патеката.
6 Од крајот на небесата е излезот негов, и патувањето негово до другиот крај; ништо не е сокриено од топлината негова.
7 Непорочен е Законот Божји - душите ги укрепува; верно е откровението на Господ - ги учи неуките,
8 и Господовите повелби се праведни - го веселат срцето; Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите.
9 Страхопочитта кон Господ е чиста - пребива довека; судовите Господови се вистина - сите се праведни;
10 поскапи се од злато и од скапоцени камења - послатки се од восочен мед.
11 Слугата Твој ги пази; а кој ги пази, голема награда добива.
12 Кој може да ги согледа своите грешки? И од оние тајни гревови очисти ме,
13 и од горделивост запази го слугата Твој, за да не овладее со мене. Тогаш јас ќе бидам непорочен и ќе бидам очистен од големите престапи.
14 Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благоугодни пред Тебе, Господи, Карпо моја и избавителе мој!
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здручение на Р.Македонија