ПСАЛМ 20
Благодарност за победите во минатото
1 Господи, со Твојата сила се весели царот и за спасението од Тебе безмерно се радува!
2 Ти му даде, она што срцето негово посака, и молбата на устата негова не ја отфрли, 3 зашто Ти го пресретна со добри благослови, му стави на главата круна со скапоцени камења.
4 Тој побара од Тебе живот, а Ти му даде долг живот во векови.
5 Голема е славата негова поради помошта од Тебе; Ти го покри со чест и величие.
6 Ти положи на него вечен благослов, развеселувајќи го со радоста на лицето Твое,
7 зашто царот се надева на Господ и поради милоста на Севишниот нема да потклекне.
8 Раката Твоја ќе ги најде сите Твои непријатели, десницата Твоја ќе ги најде сите што Те мразат.
9 Кога ќе се појавиш, ќе ги направиш како огнена печка; гневот Господов ќе ги погуби, и оган ќе ги проголта.
10 Ти ќе го уништиш плодот нивни од Земјата, и семето нивно - меѓу човечките синови.
11 Ако смислат против Тебе зло и се договораат, - не ќе можат ништо да направат.
12 Ти ќе ги натераш во бегство, а од Твоите лакови ќе пуштиш стрели во лицето нивно.
13 Издигни се, Господи, со Твојата сила! Ние ќе ја воспеваме и ќе ја прославуваме Твојата моќ.
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија