Слово
(Мат., зач.11/стр.12)
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!
Би сакал сосема кусо да ви ја раскажам содржината на денешново Евангелие, за да ве потсетам на часовите што Великиот Учител, Господ Исус Христос ги имал со своите ученици, забележани од свети апостол Матеј.
Откако им беше зборувал за многу работи, овојпат и конкретно им се обраќа на апостолите: прво, дека “се тие солта на земјата” и дека треба да внимаваат да ја задржат силата, а второ, учениците ги охрабрува, споредувајќи ги со “светлината на светот”. Па во таа смисла, Господ Исус Христос вели во Евангелието:
“Ви сте светлина на светот. Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина. Ниту пак светилото се пали и клава под поклоп, туку на свешник и свети на сите в куќи. Така треба да светне пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прославата вашиот Отец небесен”.
Ова обраќање е упатено конкретно кон апостолите, но индиректно и на нивните наследници: на црковната ерархија, на богословите, коишто треба да бидат солта меѓу христијаните, а христијаните меѓу луѓето.
Забележете, дека Господ Исус Христос не ги моли ниту убедува своите ученици и не им вели ништо за обидот да се стане светлина на светот. Тој едноставно го искажува фактот: “Вие сте светлина на светот”. Тоа е она што Бог избира да го направи со нас. Едноставно Бог ја употребува нашата послушност кон Него - за да светиме во темнината на светот. Со тоа очигледно, Господ Исус Христос не сака од нас да ги импресионираме луѓето со нашата праведност, побожност и добри дела. Но, сепак н# предупредува дека не можеме да бидеме невидливи христијани, зашто такви нема. Или сме христијани или не сме.
Кога човек ќе стане ученик Христов, на некој начин се посветува на живот што понекогаш штрчи како бодило. Дали со однесувањето кон другите луѓе, дали со своето чувство за вредностите од овој свет или заради други илјада начини и постапки, по кои христијаните се разликуваат од другите. И, сето тоа бива, не затоа што сакаме да биде така; не затоа што се обидуваме да привлечеме внимание, туку само затоа што Бог н# повикува да бидеме послушни на начини што не можат да се сокријат. Како што не може да се сокрие град изграден на врв планина, така не може да се сокрие ни видот на послушноста што се бара од Христовите ученици. Тој едноставно ќе свети.
Дали е остварлива нашата послушност кон Учителот, Господ Исус Христос? Да, браќа, послушноста е остварлива затоа што е зададена “бидете свети”. Па зарем не беа послушни апостолите, наследниците, светителите откако ги добија заповедта и призивот за учество во светлината? А, и пред тоа зарем не беа тие слични на нас обичните луѓе?
Запомнете браќа, коренот на светоста е вграден во човекот уште при неговото создавање, бидејќи Бог сите живи суштества ги создал “според нивните видови”, а само човекот го создал според “Божјиот образ”. И, како што ѕвездите добиваат светлина од сонцето, така и светителите светат со Светлината на незаодното Сонце - Христос. Разликата е само во тоа, што светлината на светителите ја надминува и онаа на сонцето и на ѕвездите. Не го велам тоа јас, туку го вели тоа Црковната агиологија. Па така, во таа смисла Свети Климент Охридски ја велича Мајката на Светлината, особено во службите и каноните. Свети Јован Претеча бива споредуван со пресветла деница (која го навестува доаѓањето на Сонцето), а апостолот Павле, на пример, е наречен “сонце на светот, бидејќи е светлина на народот, според вистината” (Мт 5,14).
Светителите се Божји плодови на земјата, којашто е сува и жедна заради гревовноста на нејзината обвивка. Светителите се кислород во атмосферата на светот. Тие се здрава (силна) сол.
Има светители кои Бог преку историјата на Црквата ги истакнува на виделина и ги става на свеќник за да светат на сите в куќи. Тоа се големите светии кои имале големи подвизи на духовна обнова, оставајќи длабоки траги на добри дела, љубов и вистина. Кога говориме за светите, тогаш говориме во најширока смисла на зборот, како што свети апостол Павле беше ги нарекол “сите возљубени од Бога, наречени светии” (Рим 1,7; Дела 9,13). Кога говориме за светоста и за светците, тогаш мислиме, исто така, и на она мноштво на луѓе од различна возрасти и служби, татковци, мајки, млади, деца, кои во Црквата настојуваат да го живеат секој ден своето крштение и вера, надеж и љубов, верни на своите животни должности. Тие навидум задскриени, но не и тајни за Божјото присуство во Црквата, во светот, во историјата, и тие даваат голем придонес з да оваа човечка историја има светли страници.
Ете, затоа денес си спомнуваме за сите македонски светии. Голем е нивниот број во Црквата, кои според мерката на својата вера и сопствениот живот во добродетели и лични подвизи, станале: чудотворци, христоносци, богоносци, светци. Тие се исполнето евангелие и се наши примери и патокази.
Но, сепак Оригиналот, е нашиот Господ Исус Христос. Од Него слушаме што Тој сака да бидеме. И, само преку послушноста, преку благодатта и силата што Тој ни ја дава (кога се молиме и преку светите тајни) всушност го репродуцираме оригиналот во нашите животи колку е можно поверно.
Во едно општество што е толку широко и длабоко нехристијанско, нашиот Господ Бог очекува да живееме, според зборовите на светиот апостол Павле, како “прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој светите како светила во светот” (Флп 2,15).
Не треба да му се приспособиме на грешниот свет околу нас. Туку, сме повикани да бидеме различни, приспособени на Бога во Христа. Не сме повикани да ги одразуваме нормите за однесување на нашата култура, туку на умот Христов. Повикани сме да создадеме “Христова” клима каде и да поминеме. Ние не сме само деловни луѓе, работници од различни струки, студенти, туку деца Божји и наследници на Неговото царство. Ние сме во овој свет, но не од овој свет, вели Господ Исус Христос. Му припаѓаме на Бога.
Многу често слушаме дека има темнина и мрак во овој свет. Токму тука е нашиот предизвик. Повеќе од кога и да е порано, му требаме на Христос да ја замениме темнината со светлина на Неговата вистина и љубов. Амин!
ДРУГО:
денарска жиро-сметка:
МПЦ Дебарско-кичевска епархија
Бигорски манастир Свети Јован Крстител
500-000000-3835-65
Стопанска банка А.Д. Битола
девизна жиро-сметка:
МПЦ Дебарско-кичевска епархија
Бигорски манастир Свети Јован Крстител
IBAN MK07500701000133139
Депонент: Стопанска банка А.Д. Битола
SWIFT STBBMK22
Телефони за донација:
070 / 075 / 077 143 444
Посети: {moshits}