ПСАЛМ 24
Молитва за заштита
1 Кон Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја.
2 Боже мој, во Тебе се надевам, да не се посрамам, да не ликуваат над мене непријателите мои,
3 да не се посрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што со леснотија изневеруваат.
4 Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.
5 Упати ме кон Твојата вистина и науч и ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден.
6 Спомни си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни.
7 Гревовите на младоста моја и престапите мои не споменувај ги; по милоста Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи!
8 Добар и праведен е Господ, грешниците ги изведува на пат,
9 ги упатува понизните кон правда и ги учи понизните на Своите патишта.
10 Сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови.
11 Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем.
12 Кои се тие што имаат страхопочит кон Господ? Ним Тој ќе им покаже кој пат да го изберат.
13 Нивната душа ќе почива во добро, нивното семе ќе ја наследи земјата.
14 Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој.
15 Очите мои секогаш се кон Господ, зашто Тој ги вади од стапица нозете мои.
16 Погледни на мене и смилувај се на мене, зашто сум самотен и во мака.
17 Скрбите на срцето мое олесни ми ги; извади ме од мојата потиштеност.
18 Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои.
19 Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат!
20 Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто во Тебе се надевам.
21 Непорочноста и правдата нека ме чуваат, зашто во Тебе се надевам, Господи.
22 Избави го, Боже, Израил од сите неволји негови.
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија