ПСАЛМ 26
Во Божјата близина страв нема
1 Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе стравувам?
2 Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели за да го изедат телото мое, се сопнаа и паднаа.
3 И полк да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе бидам полн со доверба.
4 Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да се поучувам во Неговиот свет храм,
5 зашто во злочест ден Тој би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на Своето живеалиште; би ме искачил на карпа.
6 Тогаш главата моја ќе се издигне над непријателите што ме опкружуваат; и јас ќе принесам во скинијата Негова жртва поради радоста, па ќе пеам и ќе го фалам Господа.
7 Чуј го, Господи, гласот мој, бидејќи кон Тебе викам смилувај ми се и услиши ме.
8 Срцето мое ми вели: „Барај го лицето Негово!”; и јас го барам лицето Твое, Господи.
9 Не сокривај го од мене лицето Свое; не одбивај го во гневот слугата Твој. Биди мој помошник; не отфрлувај ме и не оставај ме, Боже, Спасителе мој!
10 Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прибере.
11 Научи ме, Господи, на Твојот пат и води ме по рамна патека, поради непријателите мои;
12 не предавај ме на своеволноста на непријателите, зашто востанаа против мене лажни сведоци со насилство во нивните носници.
13 Но јас верувам дека ќе ја видам Господовата добрина во земјата на живите.
14 Надевај се во Господ, биди бодар; нека е цврсто срцето твое; надевај се во Господ!
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија