ПСАЛМ 27
Молитва за спасение од грешници
1 Кон Тебе, Господи, викам, Карпо моја; не оглушувај се кон мене, та да не заприлегам при Твоето молчење на оној што слегува во гроб!
2 Чуј го гласот на молитвите мои, кога викам кон Тебе, кога кревам раце кон Твојот свет храм.
3 Не земај ме со нечестивци и злосторници, кои со ближните свои говорат за мир, а во срцето смислуваат зло.
4 Возврати им, Господи, според нивните дела, според нивните лоши постапки; според делата на нивните раце, возврати им го она што го заслужиле!
5 Бидејќи тие немаат почит кон делата на Господ, ниту кон делата на рацете Негови; Тој ќе ги собори и нема да ги подигне.
6 Благословен е Господ, зашто Тој го чу гласот на молитвите мои.
7 Господ е крепост моја и штит мој; во Него има верба срцето мое и Тој ми помага; затоа се радува срцето мое и јас ќе Го прославувам со песна.
8 Господ е крепост на Својот народ и спасоносно прибежиште за Својот помазаник.
9 Спаси го народот Свој и благослови го наследството Твое; биди им Пастир и носи ги довека!
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија