ПСАЛМ 32
Похвална песна за сесилниот Бог
1 Радувајте се, праведници, во Господ: на праведниците им прилега да Го слават.
2 Славете Го Господа со лира, пејте Му на харфа со десет жици,
3 пејте Му нова песна; пејте Му умешно и со восклик,
4 зашто словото на Господ е право, и сите дела Негови се извршени во верност.
5 Тој сака праведност и суд праведен; со милоста Господова е исполнета Земјата.
6 Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова - сите сили нивни.
7 Тој ги собира како во мев морските води; бездните ги става во сокровишта.
8 Нека има страхопочит кон Господ целата Земја; нека треперат пред Него сите жители на светот,
9 зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа.
10 Господ ги руши помислите на незнабошците, ги спречува намерите на народите.
11 А замислата Господова вечно останува; мислите на срцето Негово од род во род.
12 Блажен е оној народ, на кој Господ му е Бог, и луѓето, кои Тој ги избрал за наследство Свое.
13 Од небесата гледа Господ, ги гледа сите синови човечки;
14 од престолот, на кој седи, ги набљудува сите, кои живеат по Земјата:
15 Тој, Кој на сите ним им ги создал срцата, пази на сите дела нивни.
16 Не го спасува царот голема војска; голема сила ни јунакот нема да го спаси.
17 Несигурен е коњот за спасување, со големата сила своја не може да избави.
18 Но, ете, очите Господови се врз оние, кои имаат страхопочит кон Него и кои имаат верба во милоста Негова,
19 дека Тој Ќе ја спаси душата нивна од смрт и во време на глад ѓе ги прехрани.
20 Душата наша се надева во Господ: зашто Тој е наш помошник и наш заштитник,
21 зашто во Него ќе се весели срцето наше; зашто во светото име Негово веруваме.
22 Милоста Твоја нека биде над нас, Господи, онака како што Ти се надеваме.
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија