ПСАЛМ 33
Треба да се слави помошта Божја и човекот да се учи на страв Господов
1 ќе го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш ќе има во мојата уста.
2 Со Господ ќе се фали душата моја! Нека го чујат тоа понизните и нека се зарадуваат.
3 Величајте Го Господа со мене, и заедно да го возвишуваме името Негово.
4 Го побарав Господа, и Тој ме чу и од сите стравови мои ме избави.
5 Кон Него погледнете и разведрете се, и лицата ваши нема да се посрамат.
6 НесреЌниот вика и Господ го слуша и го спасува од сите негови неволји.
7 Ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува.
8 Вкусете и Ќе видите, колку е добар Господ! Блажен е оној човек, кој кај Него прибегнува!
9 Имајте страхопочит кон Господ, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои имаат страхопочит кон Него.
10 Осиромашија и огладнеа богатите, а оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од секакви добра.
11 Дојдете, чеда, послушајте ме: јас Ќе ве научам да имате страхопочит кон Господ.
12 Сака ли човек да живее и да види добри денови,
13 нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги,
14 нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него.
15 Очите на Господ се насочени кон праведните, и ушите Негови – кон молитвите нивни.
16 Но лицето на Господ е против оние што вршат зло; Ќе го истреби од Земјата споменот за нив.
17 Кога викаат праведните, Господ ги слуша и ги спасува од сите маки нивни.
18 Блиску е Господ до оние со скршено срце, и смирените по дух ќе ги спаси.
19 Бројни се маките на праведните, но од сите нив Господ Ќе ги избави.
20 Господ ги чува сите коски нивни; ниедна од нив нема да се скрши.
21 Злото му носи смрт на грешникот; оние, што го мразат праведниот, Ќе платат.
22 Господ Ќе ги спаси душите на слугите Свои, и никој од оние, кои прибегнуваат кон Него, нема да биде осуден.
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија
Друго:
Сети Григориј Ниски во толкувањето на Псалмите зборува како Мојсеј минал четириесет години оддалечен од луѓето, пребивајќи во „молитвено тихување“, созерецувајќи ги невидливите нешта. И според преподобниот Исак Сириски, „исихијата“ е врв на совршенството и „мајка на покајанието“. Тој ја нарекува и „почеток на очистувањето“. Според истиот светител, зборовите се орган на овој свет; молитвеното тихување, коешто бара радикално одрекување од светот како желби на телото, похота на очите и гордост на животот, го користи органот на молчењето во кое е тајната на идниот век. Молитвеното тихување како постојано чекорење на човекот пред лицето Божјо е органски поврзано со извршувањето на сите евангелски заповеди. Извршувањето на заповедта е подготовка за повисоки степени на духовниот живот. Затоа оној што сака молитвено да тихува, а не се ослободил – преку доблесно живеење – од духовните страсти и болести, личи на човек кој скокнува од брод во море, сметајќи дека на штица ќе стаса до брегот (преп. Јован Лествичник).
Законот на животот, според св. Григориј Богослов, се состои во следново: „Бог треба да го спомнуваме почесто одошто дишеме“. Само така може да се реализира целта на христијанскиот живот: постигнување на заедничарење и причестување со Бога и гледање на Бога. Ова е основна идеја на исихастите од сите времиња, богословски потврдена и озаконета во Црквата, прво преку списите на Дионисиј Ареопагит а потоа и во делата на преп. Максим Исповедник. Тоа се, заедно со Евагриј, Исак Сириски и, особено, преп. Симеон Нов Богослов, духовни родоначалници на светогорските исихасти.