Да го започнеме, луѓе, непорочниот пост, кој е на спасение на душите. Да му служиме со страв на Господа: да ги помажеме главите со елејот на милостињата, да ги измиеме лицата со водата на чистотата; да не празнословиме со зборовите во молитвата, но како што научивме... Отче наш, Кој си на небесата, прости ни ги согрешенијата наши, зашто си Човекољубец.
Утрена, Чист Понеделник
Поуки од Светите отци: Еве сега е денот на спасението, еве сега е време благопријатно (2.Кор. 6,2). Сега настана време кога се примаат молитвите и молењата.
Царството Божјо е сега близу секому кој Му служи на Бога и на правдата, затоа што настанаа денови на чесен пост за оној кој навистина во чистота пости.
Свети Ефрем Сирин
Молитва:
Господи, на почетокот на времето на овој свет пост, стремејќи се повторно да Те најдеме, помогни ни, молитвите на нашето срце, мислите на нашиот ум и зборовитена нашите усти секогаш да Ти бидат угодни. Помогни ни постот да го одржиме и укрепи нè да го завршиме она кон кое се стремиме, во слава на Името Твое. Амин.
Читања од Светото Писмо:
Исаија 1, 1-20
Битие 1, 1-13
Соломонови Изреки 1, 1-20
Созерцание: Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.
Иса. 1, 16-17
Подготви: А.Л.
15. 02. 2010 г.
Сретение Господово
Во четириесеттиот ден по Рождество Пресветата Дева Го донесе својот Божествен Син во ерусалимскиот храм за, според Законот, да Му Го посвети на Бога, а самата да се очисти (Левит. 12, 2 - 7; Исход 12, 2). Иако не беше потребно ни едното ни другото, сепак Законодавецот никако не сакаше да се огреши кон Законот којшто Самиот го беше дал преку Својот слуга, Пророкот Мојсеј. Во тоа време во храмот држеше чреда првосвештеникот Захариј, таткото на Свети Јован Предвесник. Тој Ја смести Богородица не на местото за жени, туку на она за девојки. Во таа прилика во храмот се јавија две необични личности: старецот Симеон и Ана, ќерката Фануилова. Праведниот старец го зеде на своите раце Месијата и рече: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, зашто го видоа очите мои спасението Твое“. Уште рече Симеон за Младенецот Христос: „Глеј, овој лежи за подигање и паѓање на мнозина во Израилот“. Ана пак, која од младоста Му служеше на Бога во храмот во пост и молитва и самата Го позна Месијата, па Го прослави Бога и им објави на ерусалимјаните за доаѓањето на Долгоочекуваниот. А фарисеите, присутни во храмот, штом видоа и слушнаа сѐ, се разгневија на Захарија зашто ја постави Дева Марија на местото за девојки и му јавија за тоа на царот Ирод. Уверен дека тоа е Новиот Цар за когошто говореа ѕвездогледците од Исток, Ирод брзо испрати да Го убијат Исуса. Но во меѓувреме Божественото семејство веќе поодмина од градот и според упатство од ангел Господов се упати кон Мисир. Денот Сретение меѓу христијаните се празнува уште од самиот почеток, но торжественото празнување на овој чудесен ден е особено востановено во 544 година, во времето на царот Јустинијан.
Друго:
Великопосни Богослужби (14.02.2010)
СИНАКСАР - Оној што отпадна заедно со паднатите (ангели), поради слатката храна (Сиропусна недела)