На 7.03.2010 година, трета недела од Великиот пост – Крстопоклона, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј служеше во црквата „Свети Петар и Павле“ – Кичево. Прво, на крајот од утрената богослужба се изнесе светиот и животворен крст на средината од храмот, на кого се поклонија сите присутни. Потоа се служеше света архиерејска Литургија на свети Василиј Велики. На Литургијата присуствуваа голем број верници, а оние што се подготвуваа со пост, молитва и исповед пристапија и се причестија со Телото и Крвта на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. По светата Литургија, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со поучно слово, кое во целост ви го пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Светата Православна црква оваа недела ја нарекува Крстопоклона. Таквото именување го има добиено бидејќи, според црковниот типик, на денешен ден се изнесува светиот и животворен крст на поклонение. Во исто време се прославуваат заслугите и искупителните страдања на распнатиот Господ Исус Христос. На денешен ден Црквата ни го предлага учењето на Христа за носење на крстот, што е должен да го прими и да го носи секој еден од нас кој сака да го следи Господа Исуса Христа.
Истовремено нè потсетува дека половина од постот е поминат. Црквата нè поткрепува со крсната сила затоа што сме изнемоштени во постот и подвизите и нè повикува кон покајание и кон очистување на тие што сè уште не пристапиле кон тоа.
Се поставува прашање: зошто се поклонуваме на крстот? Затоа што го прославуваме делото на нашето спасение кое се извршило на него – на крстот. На крстот во страшни маки Господ сакал да ја прими смртта и преку тоа да го оживее родот човечки. До искупителниот подвиг на Христа ние, луѓето, бевме противници на Бога и се наоѓавме во непријателство со Него. Со крсната смрт Христос нè помири со Бога, со небото и еден со друг.
Да се умре за своите противници, за своите непријатели е невообичаен случај во историјата на човечкиот род. Христос ја примил смртта не за своите другари и пријатели. Тој умрел за своите непријатели, за грешниците. Ние го прославуваме делото на божествената љубов, кое е направено заради нас, грешниците. Ние се поклонуваме пред животворниот крст, се заштитуваме со неговата сила и се осветуваме со него.
Крстот Христов нè просветува со божествено разбирање, ни помага да проникнеме во суштината на Божјата љубов кон светот и кон луѓето. Ние денеска Го молиме Бога да ни всади во нашиот разум и срце, трошка од Неговата сеопфатна љубов. Да допуштиме таа трошка од љубовта да ни помогне во овие денови од Велигденскиот пост да размислуваме за себе, за луѓето, да избегнуваме грев и пороци, да се обновуваме и духовно и телесно, и тоа ќе биде доволно. Според нашата љубов ќе нè познаат дека сме деца и ученици Негови.
Ја прославуваме Божјата животворна љубов, која се пројави во светот на крстот. Ние ја прославуваме и надежта која Господ ни ја подари преку своите крсни страдања. Кога светот се наоѓал во безнадежна состојба, Господ го исполнил своето ветување и му се јавил на светот. Тој го заврши своето ветување на крстот во страшни маки, бил положен во гроб и бил погребан. Неговиот гроб бил запечатен. Може да се рече дека настапил момент на безнадеж, но во тој момент засветлува од гробот правдата и надежта на целиот свет и на севкупниот човечки род. Прославувајќи го крстот и Божјата љубов, ние денеска ја прославуваме таа надеж што Господ ни ја дава со Својата победа, надежта на сеопштото воскресение. „Он е почеток, првороден меѓу мртвите” (Кол. 1, 18). Временскиот период на Великиот пост е период на обновување и подготовка за воскресение за нов живот.
Не е доволно само да проникнуваме и да се задлабочуваме во длабочината на Божјата милост и долготрпеливоста. Потребо е секој од нас, придружен со таа милост, и да ја поддржува во своето долготрпение и сèопростување во љубовта и милосрдието.
Господ Исус Христос го завршил својот подвиг од крстот и на крстот. Не го заобиколува таа чаша никој кој е роден на оваа земја. Секој е должен да го ниси својот крст. Според човечки слабости ние не секогаш се помируваме со носењето на тој крст. Носејќи го крстот, честопати негодуваме и се измачуваме. Едни носењето на крстот ги води кон победа, додека други пак, кон пораз. Светото Писмо Христа го нарекува аголен камен. Самиот Христос вели: „И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а тој врз кого падне, го здроби” (Мат. 21, 44). Кога ние го носиме својот крст, по примерот на Христа, и со Неговата помош, со долготрпеливост и љубов, тогаш тој за нас постанува слава и прослава. Кога ние го носиме само со наша надеж и со негодување и очајание, тогаш тоа може да ни послужи за наше посрамување.
Преку устата на Христа Спасителот, Црквата денеска им предлага на своите верници да се поклонат на крстот и да го целиваат. Истовремено ги повикува да го земат својот крст и да одат по трнливиот пат по кој што поминал и Христос, кој е единствен и утврден од Христа, и кој единствено води во вечен живот.
Да си спомнеме за страшните страдања и животворниот крст, доброволното погребение и тридневното воскресение и оддесно седнување и повторното Христово доаѓање. Да се помолиме на Христа да не заштити со силата на чесниот и животворен крст, да ги засили нашите слаби сили, да ги освети нашиот разум и чувствата да можеме постојано и праведно да го носиме нашиот животен крст за да ги достигнеме светоста и висините на Царството небесно.
Известува: свештеник Димче Азевски