ТРЕТА КНИГА
ПСАЛМ 72
Вечна правда
1 Колку е добар Бог кон Израил, кон оние што се со чисто срце!
2 А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, -
3 зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи го напредокот на грешниците,
4 зашто не страдаат, нивните тела се цврсти и јадри.
5 Немаат маки како другите, човечки неволји не ги засегаат.
6 Затоа горделивоста им е како вериш ка околу вратот, а насилството им е облека.
7 Очите им се подуени од сало, а од срцата им се излеваат безумија.
8 се подбиваат и злобно зборуваат, се закануваат надмено со насилство.
9 Ја креваат устата против небото, а јазикот нивен ја обиколува земјата.
10 Затоа народот Мој по нив се залетува, и мана не им наоѓа.
11 И вели: „Како ќе дознае Бог, и има ли знаење во Севишниот?”
12 Ете, такви се грешниците, секогаш спокојни, богатство напластуваат.
13 И си реков: зар залудо го чував чисто срцето свое и во невиност ги миев рацете свои?
14 И се изложував на непријатности секој ден и на срам секое утро?
15 Но ако речев: Ќе расудувам и јас така, - тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови.
16 И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене,
17 сé додека не влегов во Божјото светилиш те и не го разбрав нивниот крај.
18 Навистина, си ги поставил на лизгаво место, на пропаст ги соборуваш!
19 Како пропаднаа, како нејнадејно изчезнаа и загинаа однесени од ужасот!
20 Како што човек го презира сонот кога ќе се разбуди, така, Ти, Господи, ќе ги презреш нив, кога Ќе се разбудат!
21 Кога душата ми беше огорчена, кога се јадосував однатре,
22 безумен бев и не разбирав, како добиче бев пред Тебе.
23 Но Јас сум секогаш со Тебе: Ти ми ја придржуваш десницата моја,
24 ме водиш со советот Свој и ќе ме примиш во Твојата слава.
25 Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата, ништо друго не барам.
26 Може да изнемошти срцето мое и телото мое; но Бог е сила на срцето мое и наследството мое.
27 Зашто, ете, оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат; Ти го истребуваш секого, кој отстапува од Тебе.
28 А мене ми е добро да сум до Бога, на Господ ја полагам надежта моја, за да ги раскажувам сите дела Твои кај портите на ќерката Сионова.
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Друго:
Ново издание од Повардарската епархија (18.02.2010)