И навистина ништо не бива без Божја волја. Се договаравме долго време. Размислувавме кога е најдобро и конечно Бог ни го отвори патот. Тргнавме од Лос Ангелес за Сан Франциско, пат долг околу 400 милји (640км). Времето беше прекрасно. Вистинска пролет во Калифорнија. Попатно посетивме некои знаменитости. Го посетивме и вечниот дом на нашиот македонец Панде Ристовски, кој почива во градот Сан Бруно во воените гробишта каде почиваат илјадници војници од војната во Виетнам.
Преноќивме во истиот град, кој е оддалечен од Сан Франциско околу 20-тина милји. Желбата ни беше да бидеме поблиску за да можеме навреме да стигнеме за Светата Литургија.
Утредента, спротивна слика од онаа во Лос Ангелес. Ниски температури, густа магла со дожд и силен ветер. Но, желбата да го оствариме она за кое тргнавме беше посилна.
Стигнавме во Сан Франциско и ја најдовме Руската православна катедрала посветена на Богомајката “Радост на сите ожалостени”. Литургијата само што започнала. Раскошот на храмот и самата помисла дека тука почива нетленото тело на светиот отец Јован, кој одамна од Битола дошол во Америка, за кој многу ни расказуваше неговиот ученик, покојниот мој професор Борис Бошковски, ви дава посебно чувство и неизмерна радост. Исполнети со такво чувство не ни осетивме кога заврши Светата Литургија. И како што е ред, се запознавме со домаќинот отец Јарослав. Беше посебно радосен кога му кажавме дека доаѓаме од Македонија и ни дозволи да фотографираме низ целиот храм.
Сега, следеше она за кое дојдовме. Свештенослужител сум цели 35 години, но досега немав прилика да се сретнам лице во лице со светја. Срцето ми затрепери. Се поклонив длабоко три пати и го целивав одарот каде што лежи нетленото тело на светиот отец. Почувствував како да падна терет од мене и се ми стана лесно, па решив да си поразговарам со отецот. Му кажав од каде доаѓам но и како е во некогашната негова земја. Му кажав дека некои сакаат да ја нема иако во истиот Бог веруваме и го помолив да се застапува пред Севишниот Бог за мир и благосостојба во нашата Татковина-Македонија, зашто некогаш таа беше и негов земен дом.
За Преминпортал: отец Ристо Ристовски