НАШАТА ЦРКВА
Црквата Св. Георгиј, која што се наоѓа во месноста Горна влашка маала во Охрид, била изградена во 1838 год., што се дознава од годината која е издлабена во камен, на источната страна, и била изградена врз темели на постар сакрален објект. Истата е градена од камен кој е убаво обработен и делкан со исклучок на покривните венци и апсидата, која е петтострана и со слепи ниши од бигор. Во внатрешноста на црквата се гледаат три куполи од кои средната се потпира на четири столбови. Исто така црквата има галерија на спрат, амвон (певница) и владички престол. Живописана е во 1889 год., но живописот целосно е пресликан во 1973 - 83 год. од страна на зографот Ѓоко Крстески.
Во внатрешноста на оваа црква од базиликален тип, се наоѓа извонредна и импресивна колекција на уникатни икони, кои претставуваат непроценливо богатство за нашата културна историја.
Овде само ќе ги напоменеме Царските двери, кои се наоѓаат во средишниот дел на резбаниот иконостас и истите потекнуваат од 16 век, времето на охридскиот архиепископ Прохор (1523 - 1550). На нив е насликана композицијата Благовести и на истите се наоѓа текст испишан со црковнословенско писмо од кој дознаваме дека се изработени во времето на попот Јован, а средствата биле обезбедени со дар на некојси Стојан.
Црквата Св. Георгиј во Охрид опстои се до денес и постојано е посетувана од голем број верници.
Во оваа прилика би сакала да споменам нешто и за активностите на оваа црква.
Имено, веќе петта година по ред, во црквата Св. Георгиј се одржуваат часови по веронаука за деца и возрасни. Целта на предавањата е нашите верници да добијат правилна и елементарна насока во верата, да сфатат колкаво е значењето на религијата за целокупниот живот на човекот како и да се запознаат со моралните начела кои ни ги налага општеството.
Во рамките на часовите по веронаука се организираат и хуманитарни акции преку кои им се помага на социјално загрозените семејства, децата од целебрална парализа како и на болните и на старите лица сместени во костнозглобната болница Св. Еразмо во Охрид.
Исто така, црквата Св. Георгиј, неколку години наназад, одржува соработка со католичката црква Св. Кирил и Методиј во Охрид. Овие две цркви остварија повеќе хуманитарни дејности од кои најзначајни се:
- Престој и активности на деца со посебни потреби;
- Предбрачно советувалиште и
- Бесплатни курсеви за странски јазици и математика.
Приредила: Никица Мишева