Скопје, 7 јули 2010 год- храм на св.пророк Илија
Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 46)
Во она време фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус, кога разбра, се оддалечи оттаму. И тргна по Него многу народ и Он ги исцели сите; и им забрани да разгласуваат за Него. Тогаш доведоа при Него еден бесен, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот прогледа и проговори. И сиот народ се чудеше и велеше: „Не е ли Овој Христос, синот Давидов?“ А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: „Он не ги истерува бесовите по друг начин освен преку Велзевула, началникот на ѓаволите.“ Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне. И, ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да се запази царството негово? И ако Јас истерувам бесови преку Велзевула, а синовите ваши преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии. Ако, пак, Јас истерувам бесови со Духот Божји, тоа значи дека дошло царството Божјо до вас. Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот и тогаш да му ја ограби куќата?
На 7 јули 2010 година, во Седмата недела по Педесетница, на празникот на Раѓањето на Свети Јован Предвесник и Крстител Господов (Иванден), во храмот посветен на свети пророк Илија , во Скопје, се отслужи Божествена Литургија. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Лето Господово 2010