Означен почетокот на научно-наставната и културолошката дејност на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид
Охрид, 21 август 2010 (МИА) - Со промоција на книгата „Охрид Суб Специе Аетернитатис“, авторско дело на Елизабета Димитрова и Паско Кузман, вечерва на свечен начин беше означен почетокот на научно-наставната и културолошка дејност во рамки на комплексот Светиклиментов универзитет на Плаошник во Охрид.
Обраќајќи се пред присутните гости, премиерот Никола Груевски истакна дека одлуката на Владата на Република Македонија да го возобнови комплексот Светиклиментов универзитет, е поттикната од намерата да се оддаде должно признание на Свети Климент, како еден од најголемите словенски просветитиели и епископи.
- Иницијативата значи заокружување на една монументална културно-просветителска и историска содржина и исклучителен културно-историски простор, кои заедно се од капитално значење за македонскиот народ. Овој потфат има специфична културно-историска мисија, да изведе хронолошки спој на светеклиментовиот дух и современото време, да го спои црковното со световното живеење и работење, токму овде на Плаошник во Охрид, во близина на светиклиментовата црква „Свети Пантелејмон“ и Самоиловата тврдина, рече премиерот Груевски.
Промовирајќи го делото „Охрид Суб Специе Аетернитатис“, инаку издание на издавачките куќи „Данте“, „Мацедониа Прима“ и „Ѓурѓа“, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека книгата претставува возбудливо и поетично пативање низ историјата, културата, уметничките одстрели и креативните модели на Охрид, како водечки културен центар во Македонија и на Балканот.
- Користејќи ги хронолошко-методолошкиот пристап и научната конзистентност во тематското вообличување на содржината на ова монографија, авторите создаваат слика на Охрид, како културен центар од митските дамнини, се до поновите времиња на неговото континуирано цивилизациско егзистирање. На тој начин, тие ни презентираат една раскошна визија за значењето на охридскиот култирно-историски и уметнички трезор низ времињата, рече Канческа-Милевска.„Охрид Суб Специе Аетернитатис“
Коавторот на книгата, директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, појасни дека во рамки на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник ќе бидат сместени повеќе културни и научни институции, со галерија на икони, библиотека, како и дел од старите ракописи со кои располага охридскиот Завод и музеј.
- Археолошко-истражувачките, како и конзерваторско-реставраторските работи на локалитетот Плаошник се во сосема завршна фаза. Завршен е потесниот избор на фирмите што ќе бидат задолжени за градежните активности на Светиклиментовниот универзитетски комплекс, така што очекуваме некаде во првата половина на идниот месец да биде поставен камен-темелникот на објектот, истакна Кузман.
Во врска со суштинскиот, функционалниот односно содржинскиот дел на проектот, Кузман рече дека во рамки на Универзитетскиот комплекс ќе функционира редовна конзерваторска школа, со професори од признати светски универзитети, музеј на почвата на Плаошник во кој ќе бидат презентирани богатите наоди на самиот археолошки локалитет, богата Светиклиментова библиотека со стартни сто илјади наслови, седиштето на Галеријата со икони, Македонскиот институт за хуманистички науки, посебен монашки простор наменет за свештени лица, афилијации на светски универзитети, како и Светиклиментова градина како место за одмор и креативна инспирација.
- Ќе направиме една космополитска симбиоза, нагласи археологот Кузман.
Планирано е 14-те објекти во рамките на Универзитетот да бидат изградени во 2012, најдоцна до 2013 година, а вкупната инвестиција за нивна изградба да изнесува околу 18 милиони евра. аб/цр/20:40