Филип Стојанов, теолог
Иван Кантурски, теолог
НОВО ДЕЛО – СОВРЕМЕНА БИБЛИСТИКА
Александар Мењ, Историја на религиите, Скопје 2010
Превел од руски јазик: Проф. д-р Ратомир Грозданоски
Најнапред да изнесеме збор-два за дејноста на писателот и творецот на едно вакво грандиозно дело, дело што го потхранува човековиот идеал и вера со знаење, дело што со сигурност би го привлекло нашето внимание и не би нè оставило рамнодушни, незаинтересирани, ладнокрвни и без сопствено мислење и коментар.
Александар Мењ, несомнено, е еден од најголемите пастири, научници – библисти, дејци, проповедници на светата Црква. Тој бил избраник на Господа да го шири „...Благовестието Божјо“ (Рим. 1, 1), како нов апостол во новово време. Неговиот научен труд и неговата широка лепеза на знаења безусловно ги вклучил во создавањето дела од многу области: од библиологијата, религијата, историјата на културата и литературата, кои ни ја смрзнуваат крвта и нè оставаат без здив. Имал многу исполнет живот и секој дел од секундата го користел рационално, служел во храмот, пишувал книги и статии, најразлични текстови, предавал на повеќе универзитети и училишта, со што целосно Му се предал на Бога.
Утрото на 21 септември, пред дваесет години, во Руска Мисла (Русская Мисль) излезе текст во чиј воведен дел имаше напишано: Постојат многу великани покрај кои се чувствуваш мал и незначаен. Но, вистинскиот великан е оној во чие присуство се чувствуваш почист, подобар и повреден. Таква личност беше отец Александар. Авторот на текстот беше московскиот свештеник Александар Борисов, близок пријател на отец Александар Мењ, односно на човекот чија смрт пред 12 дена од објавувањето на текстот се претвори во политички настан. Грозоморното убиство на отец Александар Мењ никогаш не доби расветлување. Диктирано од тогашниот режим излегоа неколку претпоставки во кои, главно, беше нагласен антисемитизмот како причина за убиството, иако на повеќето им беше јасно дека оваа информација е производ на пропагандата наметната од тогашното КГБ.