Велес, 20 февруари 2011 (МИА) - , Поглаварот на Македонската православна црква г. г. Стефан денеска од Велес повика на единство со бога и единство меѓу луѓето.
- Без меѓусебно почитување и без заедничка грижа за македонските интереси, без бранење на духовното, националното, културното и историското и на се што е македонско нема иднина за опстојување на секој од нас. Затоа од ова свето место повикувам на помирување на македонскиот народ, повикувам да ја разбереме древната библиска порака колку е убаво и мило кога браќата живеат сложно. И дека е богоугодно и родољубиво и ако така постапуваме, зошто е потребно во овие тешки времиња за нашиот народ, држава и црква да бидеме единствени во ставовите на бранење на македонското име и идентитет во борбата за зачувување на сите наши институции. Време е да се поучиме од историјата дека делбите обично носат несреќи, изјави г.г. Стефан по преосветувањето на црквата „Успение на Пресвета Богородица‘‘ во Велес.
Тој нагласи дека се наоѓаме во подготвителни недели пред велигденските пости и додаде оти Светата црква пред овој пост ја нагласува потребата од покајание.
- Сметам дека е прилика, токму на овој ден, овде во Велес да повикам на помирување на нашиот народ бидејќи се понагласена е поделбата меѓу нашиот македонски народ. Затоа сметам дека Светата црква треба да повикува, дека е најпотребно единството како христијански народ и како граѓани на Република Македонија. Потребно е да си простиме, да се покаеме и да се помолиме еден за друг зошто живееме во времиња со значителни искушенија, изјави поглаварот на МПЦ.
На новинарско прашање дали е можно МПЦ и ИВЗ да седнат на заедничка маса и да разговараат за последните инциденти на скопско Кале г.г. Стефан изјави дека не бега од средби и размени на разговори.
- Не е мое да оценувам и навистина немам аргументи кој стои зад таа организација за настаните што неодамна се случија на Калето. Мислам дека лидерите на верските заедници, посебно на православната и исламската заедница не се инволвирани, но јас не бегам од средби и размена на разговори. Сметам дека надвор од верските заедници некој ги повикува нашите млади, што не е добро за никого, рече г.г. Стефан. ад/мд/16:22
Друго:
Г.Г.СТЕФАН - ИНЦИДЕНТОТ НА КАЛЕ УДАР ВРЗ НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ
Инцидентот на скопското Кале е удар врз македонскиот идентитет, смета поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан. Уривањето на објектот го поврза со повеќе децениското негирање на македонската историја и идентитет.
- И ова последново со реконструираната црква музеј на скопското Кале не е ли удар по македонскиот идентитет и начин за бришење на македонското постоење и децениското уривање и уништување на македонски цркви и споменици во северна Грција. Исто така и неприфаќањето на МПЦ, на возобновената Охридска архиепископија како црква на македонскиот народ, не е подалеку од желбата на соседите кои не прифаќајќи не, сакаат духовно да не изолираат и обезличат како православен народ, рече г.г. Стефан.
Поглаварот на МПЦ исклучува каква било поврзаност на верските заедници со инцидентот на Кале. Не посочи кој стои зад уривањето на објектот, но е уверен дека не го поддржала ниту една верска заедница
-Не е мое да оценувам и навистина немам аргументи кој стои зад таа организација, односно зад настанот што се случи неодамна на Калето. Мислам дека лидерите на верските заедници, особено на православната и исламската не се инволвирани. Но, јас не бегам од средба, ниту од разговори. Сметам дека надвор од верските заедници некој ги поттикнува нашите млади, што не е добро за никого, потенцираше г.г. Стефан.
Ги повика граѓаните на меѓусебно помирување. Им порача да бидат единствени во ставовите за одбрана на уставното име и идентитет. Време е да се поучиме од историјата дека поделбите носат несреќи, рече поглаварот на МПЦ на преосветувањето на црквата Пресвета Богородица во Велес.