Милостив Господи, единствен извору и источнику на чистотата, сочувај нè во Постот. Погледни на нас како припаѓаме ничкум пред Тебе: прими го воздигнувањето на рацете наши, Ти Кој на Дрвото Си ги раширил Своите раце и Си бил распнат заради сите земнородни, единствен Владико на силите ангелски.
Утрена, Чист Петок
Поуки од светите отци: Ако ти, човеку, не простиш секому кој греши против тебе, не се утврдувај себеси со пост и молитва. Ако ти на братот твој, кому си му нешто лут, не ги простиш неговите долгови, сосема залудно постиш и се молиш, Бог не прима.
Свети Ефрем Сирин
Ангел претстател од Небесата беше испратен на Богородица да и’ рече: »Радувај се!« И со глас бесплотен, гледаќи како се воплотуваш, Господи, во ужас стоеше воскликнувајќи и’…
Од Акатистот на Богородица
Молитва:
Пресвета Мајко Божја, среде постојаниот притисок да отстапиме од Твојот возљубен Син, моли се за нас: секогаш и одново да му се предаваме Нему и на она за кое Он страдаше за нас, за како верни слуги и нас да нè вброи меѓу Своите ученици. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 3, 1-14
Битие 2, 20-25; 3, 1-20
Соломонови Изреки 3, 19-34
Созерцание: Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне.
Соломонови Изреки 3, 27
Подготви: А.Л.
Икона на денот
Свети Порфириј, епископ Гаски
Овој голем архипастир се роди во Солун од богати родители. Младоста до дваесет и петтата година ја проживеа во родниот град, потоа го напушти родителскиот дом и светскиот живот и се оддалечи во Мисирската пустина. Под раководство на опитен духовник младиот Порфириј таму се замонаши и мина пет години. После ја посети Светата Земја заедно со својот соподвижник, монахот Марко. Се подвизуваше во една пештера близу Ерусалим пет години, но тогаш расслабе во нозете и не можеше да оди. Сепак, ползејќи на колена постојано ги посетуваше Божјите служби. Една ноќ му се јави во видение Самиот Господ и го исцели од болеста во нозете и стана сосем здрав. Кога го избраа за епископ во Газа Порфириј ја прими таа должност со тешко срце. Во Газа затекна само двесте и осумдесет христијани; сите други жители беа идолопоклоници, и тоа фанатици. Само со својата голема вера и трпение Порфириј успеа да ги приведе Газаните во Христовата вера. Мораше лично да патува во Цариград кај царот Аркадиј и кај патријархот Јован Златоуст за да бара потпора во нерамната борба со идолопоклониците. Бараната поддрша ја доби. Идолските храмови беа затворени, идолите урнати, а тој изгради прекрасна црква со триесет меремерни столбови. Ѕидањето на овој храм особено го помогна царицата Евдоксија. Порфириј поживеа доволно долго за да го види целиот град Газа обратен во христијанската вера, но дури после неговите долги и тешки напори, страдања и плачни молитви кон Бога. Се упокои мирно во 421 година. Беше чудотворец за време на животот и по смртта. Моштите и денес му почиваат во Газа.
Друго:
Великопосни Богослужби (14.02.2010)
- ПОНЕДЕЛНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (15.02.2010)
- ВТОРНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (16.02.2010)
- ЧЕТВРТОК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (18.02.2010)
СИНАКСАР - Оној што отпадна заедно со паднатите (ангели), поради слатката храна (Сиропусна недела)