Денес, на 4/17 јули 2011 л. Г., во посета на нашите свештени манастири, Бигорскиот и Раичкиот, дојде претседателот на Р. Македонија, г-динот Ѓорѓе Иванов. На враќање од Галичката свадба, претседателот, којшто е и покровител на оваа знаменита манифестација од нашата богата традиција, во придружба на деканот на факултетот за политички науки од Белград, проф д-р Илија Вујачиќ и неговата сопруга Јасна Вујачиќ, ги посетија нашите две големи светилишта. Со манастирско гостољубие гостите, во отсуство на игуменот архимандрит Партениј, беа пречекани од јеромонахот Доситеј, кој како домаќин ги водеше во текот на целото време на нивната посета. Почитуваните гости беа запознаени со историјата на нашите два манастира, со нивната духовност, денешната дејност, како и со текот на градежните активности и возобновувањето на Бигорски. Притоа г-динот Иванов го истакна своето големо задоволство за тоа како напредува обновата и доградбата на манастирот. Гостите, пак, од Србија, исто така, го искажаа своето воодушевување од велелепието на двата духовни центри. Денешната посета помина во радосна и благопријатна атмосфера, на општо задоволство за сите. Претседателот Иванов не пропушта можност да ги посети Бигорскиот и Раичкиот манастир, кога патува во овие краишта од нашата татковина.
Извор: Бигорски манастир