Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“, (Маркова Сушица, Скопско), на 26 февруари 2012 г. (Сиропусна недела, Прочка) кога го славиме преп. Мартинијан, со почеток во 8 ч. отец Дејан Трајков одслужи Света Божествена Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во својата проповед, отец Дејан Трајков ги храбреше верните да го почнат Великиот Пост со проштевање.
Проштевајќи ја разрешуваме сторената неправда. Тоа воопшто не е лесно или едноставно. Зошто, понекогаш безуспешно се обидуваме да ја разбереме причината за неправдата; спречени сме од нашата гордост; инсистираме на раската во туѓото око, а гредата во своето око не ја забележуваме; загрижени сме дека неделото нема да се казни.
Но да не заборавиме дека нашиот Господ и Човек Исус Христос нè повикува најпрво да се смириме со непријателите зошто без тоа е невозможно да Му пријдеме. Но, Тој повикува не само едноставно да се смириме туку и да ги возљубиме непријателите. Со тоа Создателот нè предупредува дека непроштевање е деструкција на психофизичката и духовната природа на човекот. Или спротивната теза – Тој нè уверува дека проштевањето е универзален духовен лек. На овој лек во предстојниов период да му додадеме пост, милост и молитва и со вера да ги дочекаме Воскресението Христово и Педесетница.
За простување ни треба духовна зрелост. Да внимаваме – да простиме не мора да значи да истрчаме до оној што ни згрешил и со физичка средба и збор да му простиме или да го обновиме пријателството. Секако, директната комуникација е пожелна но мора да се внимава затоа што може да има и спротивни ефекти. Затоа, доволно е проштевањето уверено да се направи на духвно ниво.
По Литургијата, верниците предводени од отецот и сестринството со радост взаемно си ги разрешија согрешенијата. Потоа, сестра Илијана – игуменијата на Манастирот и отец Дејан со чај и колачи телесно ги подкрепија верните, а духовно со проекција на кратки филмови ги подтикнуваа на послушание, срдечна молитва и препознавање на блажените до себе.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО ВЕРНИТЕ:
Во Марковиот манастир ќе се служи Литургија на Предходноосветените Дарови само оваа седмица во среда (29 февруари) во 15 ч., а во наредните седмици на Велигденскиот пост секој петок во 15 ч.
За Преминпортал,
Ратислав Кардалев