Дојдете, да се очистиме со милосрдие и милосрдност кон бедните, не трубејќи пред себе и не покажувајќи ја својата добрина. Нека не знае твојата левица што прави десницата; славољубието нека не го расее плодот на милосрдието, но во тајност да Го молиме Оној Кој ја знае секоја тајна: Отче, прости ни ги нашите гревови, зашто Си Човекољубец.
Вечерна, Недела на Православието
Поуки од светите отци: Наспроти тврдоглавоста, ќе им го дадете она што е ваше на оние кои ви бараат и ќе бидете колку е можно помилостиви кон оние кои имаат потреба.
Свети Григориј Палама
Молитва:
Нашиот живот е во Твоите раце, Господи. Помогни ни да ги предадеме својот ум, срце и раце на Твоја грижа, за правејќи сè заради Тебе, да ја твориме Твојата волја во смирение, вера и над сè, во љубов. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 4, 2-6; 5, 1-7
Битие 3, 21-24; 4, 1-7
Соломонови Изреки 3, 34-35; 4, 1-22
Созерцание: Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе дури не настане ден.
Соломонови Изреки 4, 18
Подготви: А.Л.
Икона на денот
Преподобната маченичка Евдокија
Живееше во феникискиот град Илиопол во времето на царот Трајан. Беше прво голема развратница, а потоа покајничка, испосничка и најпосле маченичка. Од развратниот живот имаше собрано големо богатство. По Божја Промисла пресврт во нејзиниот живот беше направил некој стар монах Герман, и тоа не сакајќи. Дојден по работа во градот, отседна кај еден христијанин чија куќа граничеше со куќата на Евдокија. Кога ноќе тој според својот обичај почна да чита од Псалтирот и од една книга за Страшниот Суд, Евдокија го слушна и ја обзеде таков ужас што остана будна до изутрина. А штом се зазори испрати слуги да го измолат тој монах да дојде кај неа. Герман појде и меѓу нив започна долг разговор за она што старецот го читаше минатата ноќ и воопшто за верата и спасението. Како плод на тие разговори Евдокија го замоли месниот епископ да ја крсти. По Крштението сиот свој имот ѝ го предаде на Црквата за да им се раздаде на сиромасите, ги отпушти своите слуги и робови, а самата се повлече во еден женски манастир. И толку одлучно се посвети на монашкиот живот во послушание, трпеливост, бдеење, молитва и пост, што после тринаесет месеци ја избраа за игуманија. Во манастирот проживеа педесет и шест години и се удостои пред Бога да ѝ даде толкава благодат што и мртви воскреснуваше. Кога извесен кнез Викентиј покрена гонење на христијаните, ја убија и Света Евдокија со меч. Таа е прекрасен пример како еден сад на нечистотијата може да се очисти и да се освети, да се исполни со скапоцен небесен мирис, што е благодатта на Светиот Дух.