Ги приклонувам колената пред Тебе, како блудниот син во древноста, Господи и Владико, поитај ми во пресрет и прими ме, та прегрнувајќи ме, дарувај ми залог за Твоето Спасение. Наместо наемник, син Твој повторно направи ме, Спасителу човекољубив.
Утрена, втора недела од Постот
Поуки од светите отци: Тогаш, знаејќи каква е судбината на злобниот, потруди се да стекнш блажена кротост во душата своја, фалејќи Го Христа, Учителот на добродетелите и наши сотрудбеници без кои не сме во можност да направиме никакво добро.
Свети Григориј Палама
Богоиспратената ѕвезда гледајќи ја, мудреците блесокот нејзин го следеа, и имајќи ја за светилник небесен, со неа тие крепкиот Цар Го бараа. Пристапувајќи пред недостижниот, се израдуваа пеејќи Му: »Алилуја!«
Од Акатистот на Богородица
Молитва:
Боже, Ти секогаш си подготвен да ни се откриеш и пред да сме ние спремни да ги видиме делата на Твоите раце: отвори ги очите наши за да ги гледаме секогаш околу себе знаците на Твоето присуство. Биди близу нас, Господи, дури и кога ние со своите гревови се оддалечуваме од Тебе – биди близу, Господи, и дај ни да го чувствуваме Твоето присуство, иако сме незаслужни и недостојни! Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 7, 1-14
Битие 5, 32; 6, 1-8
Соломонови Изреки 6, 20-25; 7, 1
Созерцание: Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај поуката на мајката своја.
Соломонови Изреки 6, 20
Подготви: А.Л.
Икона на денот
Свети Тарасиј, патријарх Цариградски
Неговиот претходник, патријархот Павле, тајно го напушти престолот, отиде во манастир и прими схима. Тогаш владееја Ирина и Константин. Во 783 година, според советот на Павле, за патријарх беше избран царскиот советник и сенатор Тарасиј. Брзо ги помина сите црковни чинови и стана патријарх. Човек со високо образование и голема ревност во православната вера. Овој чин го прими неволно, но во име на победата на Православието над ересите, особено над иконоборството. Под него беше свикан Седмиот Вселенски Собор во Никеја во 787 година, каде што ереста беше осудена, а се врати и се утврди почитувањето на Светите икони. Тарасиј беше многу милостив кон сиромашните и кон бедните, им правеше засолништа и им даваше храна. Но кон силните беше одлучен во одбрана на верата и моралот. Кога царот Константин ја избрка својата законска жена Марија и зеде некоја своја роднина па живееше со неа барајќи од патријархот благослов да се венча, Свети Тарасиј не само што не му даде благослов туку најпрво го посоветува, потоа го изобличи и најпосле го одлачи од Причест. Пред срмтта го видоа како им одговара на демоните: „Не сум виновен за тој грев! Не сум виновен ни за тој грев!...“ Така сѐ дури не му изнемоште јазикот, па почна да се брани со рацете и да ги изгонува демоните. Кога издивна лицето му заблеска како во сончева светлина. Овој вистински јерарх се упокои во 806 година. Со Црквата управуваше дваесет и две години и четири месеци.