Во ова време на воздржание, Христе, Си засветлил со светлост на воздржание над оние кои во грев одат. Доведи нè до светиот ден на Твоето страдање, за да Ти пееме: Стани, Боже, и помилуј нè.
Утрена, втора недела од Постот
Поуки од светите отци: ...И ќе размислите за секоја заповед и повелба Господова. Ќе се преиспитате еда ли сте прекршиле нешто или превиделе, та да се исправувате во сè.
Свети Григориј Палама
Молитва:
Боже, помогни ни да имаме Христолик дух и здив на љубов, ширум да се отворат дверите на Твојата Црква. Помогни ни со другите да дејствуваме во Твојата љубов, како едно семејство, едно тело, за како чеда Твои, да растеме во Духот на соборноста. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Послание Евреите 3, 12-16
Свето Евангелие по Марко 1, 34-44
Созерцание: Браќа, гледајте, да не би во некого од вас, да има лошо срце за верата, та да отстапи од живиот Бог.
Послание до Евреите 3, 12
Подготви: А.Л.
Икона на денот:
Свети Порфириј, епископ Гаски
Овој голем архипастир се роди во Солун од богати родители. Младоста до дваесет и петтата година ја проживеа во родниот град, потоа го напушти родителскиот дом и светскиот живот и се оддалечи во Мисирската пустина. Под раководство на опитен духовник младиот Порфириј таму се замонаши и мина пет години. После ја посети Светата Земја заедно со својот соподвижник, монахот Марко. Се подвизуваше во една пештера близу Ерусалим пет години, но тогаш расслабе во нозете и не можеше да оди. Сепак, ползејќи на колена постојано ги посетуваше Божјите служби. Една ноќ му се јави во видение Самиот Господ и го исцели од болеста во нозете и стана сосем здрав. Кога го избраа за епископ во Газа Порфириј ја прими таа должност со тешко срце. Во Газа затекна само двесте и осумдесет христијани; сите други жители беа идолопоклоници, и тоа фанатици. Само со својата голема вера и трпение Порфириј успеа да ги приведе Газаните во Христовата вера. Мораше лично да патува во Цариград кај царот Аркадиј и кај патријархот Јован Златоуст за да бара потпора во нерамната борба со идолопоклониците. Бараната поддрша ја доби. Идолските храмови беа затворени, идолите урнати, а тој изгради прекрасна црква со триесет меремерни столбови. Ѕидањето на овој храм особено го помогна царицата Евдоксија. Порфириј поживеа доволно долго за да го види целиот град Газа обратен во христијанската вера, но дури после неговите долги и тешки напори, страдања и плачни молитви кон Бога. Се упокои мирно во 421 година. Беше чудотворец за време на животот и по смртта. Моштите и денес му почиваат во Газа.