ТРЕТА НЕДЕЛА ОД ПОСТОТ
Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека врви по Мене! (Mk.6, 34). По Господ крстоносецот не е можно да се оди без крстот. Сите оние кои одат по Него, нужно одат со својот крст. Што е тој крст? Проблеми, тешкотии и таги од сите видови, кои се среќаваат однадвор и одвнатре, на патот на совесното исполнување на заповедите Господови, во животот по духот на Неговите наредби и барања. Таквиот крст е сраснат со Христијанинот: таму каде што е Христијанинот, таму е и тој крст, и каде го нема крстот – го нема и христијанинот. Олеснувањата во животот во секаков вид утехи не му приличат на вистинскиот Христијанин. Затоа што, неговата задача е да се очисти и исправи. Тој е како болен на кој во еден момент треба да се врши операција, во другиот преврски. Зарем тоа е можно без болка? Тој сака да се оттргне од заробеништвото на еден силен непријател: зарем тоа е можно без борби и рани? Тој е должен да оди против сите поредоци кои го опкружуваат: како тоа да се направи без проблеми и теснотии? Радувај се што го чувствуваш крст на себе, бидејќи го поседуваш знакот дека одиш по Господовиот пат на спасението, во рајот. Истрпи малку. Зашто, наскоро ќе е крајот, а по него - венци!