ЛАЗАРЕВА САБОТА
Пред Твоето доброволно страдање, Христе Боже, си им дал на сите луѓе уверување во општото воскресение: зашто во Витанија си го подигнал Лазара четвородневниот со Својата семоќна сила и како Светлодател, Спасителе, си направил слепите да прогледаат. Со своите ученици си влегол во Светиот град, седејќи на осле како на Херувим и така си ги исполнил зборовите на пророкот. Децата еврејски, земајќи палмови гранки, Ти излегоа во пресрет. Затоа и ние, носејќи палмови и маслинови гранки, благодарно Ти воскликнуваме: Осана во висините! Благословен е оној, кој доаѓа во името Господово!
Утрена, Лазарева сабота
Поуки од светите отци: Внимавај! Предупредувам и сведочам и го објавувам ова со глас разбирлив за сите: ...„Никој кој има непријател да не се приближува до Чесната Трпеза, ниту да го прими Телото Господово.“
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Господи, да се придружиме и ние на пофалната песна за Тебе, Твоето свето и благословено Име нека е прославувано навек! Помогни ни, Господи, да го бараме најнапред Твоето Царство, ништо не претпоставувајќи му, за во сè да се изврши Твојата волја. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Битие 49, 1-2; 8, 12
Софониј 3, 14-19
Захариј 9, 9-15
Послание до Евреите 12, 28; 13, 8
Свето Евангелие по Јован 11, 1-45
Созерцание: А Исус и рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.“
Свето Евангелие по Јован 11, 25
Подготви: А.Л