Свети Јован Лествичник
4. За борбата со осумте главни страсти
г) Борба со гневот
20. Злобното паметење е крајна граница на гневот. Тоа е паметење на гревовите на нашите ближни против нас, отстапување од правилото, кое ни го постави Бог: простете – за да ви биде простено. Затоа е тоа – загубување на сите претходно задобиени добродетели, отров што ја погубува душата, црв што го нагризува срцето, срам – за да не можеме да ги изговориме зборовите од Господовата молитва: „Прости ни гидолговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници“ (Матеј 6,12), клинец – забиен во душата, грев што не престанува, беззаконие што не заспива и постојано зло.
21. Оној што го скротил својот гнев – тој ѝ ставил крај и на злобата, зашто децата можат да се раѓаат само од жив татко.
22. Тој што придобил љубов – станал оддалечен од непријателството, а оној што го зголемува непријателството – ги зголемува во себе и трудовите, кои не знаат за спокој.
23. Ако си злобен, биди злобен против демоните, и ако непријателствуваш, биди му секогаш непријател на твоето тело. Телото е неблагодарен и неверен пријател; кога му угодуваат, тоа уште поголеми штети нанесува.
24. Злопаметењето е погрешно толкување на Светото писмо, кое ги искривува зборовите на Светиот Дух, за да си угоди на себеси. Но таквиот нека го посрами молитвата која ни е дадена од Самиот наш Господ Исус Христос, која не смееме да ја изговараме, ако имаме злопаметење во нашето срце.
25. Ако, откако се потрудиш многу и не можеш да го отстраниш ова бодило од твоето срце, појди и покајно смири се пред оној, против кого непријателствуваш, макар само и со зборови; засрами се од долговремената лицемерност пред него и потруди се да го прифатиш со љубов, бидејќи си измачуван од својата совест, како со оган.
26. Но не мисли дека тогаш си избавен од оваа рана, кога ќе се помолиш за оној што те навредил, или ќе му дадеш дарови или ќе го поканиш на трпеза, но тогаш, кога ќе слушнеш дека му се случила некаква несреќа, душевна или телесна, тогаш – ако почувствуваш мака и заплачеш за него, како за себеси.
27. Спомнувањето на страдањата на Господа Исуса Христа го лекува злопаметењето, кое бива длабоко посрамено од Неговата незлобивост.
28. Некои поради простувањето на своите гревови се предаваат на големи трудови и на пот, но незлопаметливиот и незлобивиот ги испреваруваат. Зашто вистински се зборовите: „Проштавајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6,37).
29. Незлопаметењето е знак на вистинско покајание, оној што мисли дека живее покајно, а го памети злото што му го направиле, тој е сличен на човек, кој сонува дека трча.
30. Сум видел јас злопамтливи луѓе, кои на други им давале совет да не бидат злопамтливи, но најпосле се посрамувале од своите сопствени зборови и се ослободувале од оваа страст.
Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II
За Преминпортал
Подготви: Светланка Трајчева
17-ти февруари 2018 лето Господово
Друго: