логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Калистос Вер

Јуродивиот е симбол на отпаднатите од овој свет, но кои се предодредени да го наследат вечниот живот. Безумноста заради Христа не е философија, туку квалитет на свест за животот, вечно почитување на човековиот идентитет... не е производ на интелектуален стремеж, ту¬ку создавање култура на срцето.

Сесил Колинс

 


Од пустината кон градот

Св. Симеон, јуродив заради Христа, е роден во Едеса, во „благословениот град” (денес Урфа во југоисточна Турција), главен центар на христијаните коишто зборувале сириски. Како дете на богати родители, се здобил со солидно образование и течно зборувал грчки и сириски. На возраст од дваесет години, сè уште неженет, заминал со својата мајка на поклоничко патување во Ерусалим; тој, по сè изгледа, бил син единец, а татко му во тоа време веќе бил починат. Во Светиот град се сретнал со некој млад човек од Сирија, по име Јован, кој скоро се оженил и кој дошол на поклоништво заедно со родителите. Симеон и Јован веднаш се спријателиле. Тргнале заедно во посета на светилиштата, придружувани од мајката на Симеон и од родителите на Јован. Спуштајќи се во долината на Мртвото Море и минувајќи низ Јерихон, ги забележале во далечина манастирите по бреговите на Јордан. Сосема ненадејно ‡ идејата дошла од Јован ‡ одлучиле да го прекинат поклоничкото патување и да останат во еден од манастирите како монаси. Простувајќи се од другите со некаков изговор, заминале без збор објаснување ‡ Симеон оставајќи ја својата стара мајка, а Јован своите родители и младата сопруга, која го чекала дома. 

Овој дел од описот на Леонтиј по малку наликува на сказна и, очигледно, има далеку помала историска основа од онаа што, веројатно, ги поткрепува другите делови од Житието во кои е опишан животот на Симеон во Емеса. Интересно е дека Житието не се обидува да ја прикрие суровоста и бездушноста на она што Симеон и Јован им го приредиле на нивните блиски ‡ но, секако, и самите себеси. Напротив, Леонтиј го прекинува раскажувањето за да појасни дека Симеон и Јован не биле бесчувствителни. Тие двајцата по карактер биле срдечни и нежни. Јован ја сакал сопругата, Симеон бил посветен на својата мајка, и долго време двајцата длабоко жалеле поради разделбата. Зошто, тогаш, постапиле така? Житието нуди едноставно објаснување. Монаштвото е патот на спасението:

Тие, случајно, наишле на спореден пат кој водел кон светата река Јордан. И двајцата запреле, а Јован му рекол на Симеон: „Гледај го патот што води во живот!” и го покажал патот кон светата река Јордан. „А види го патот што води во смрт!” (спореди Мат. 7:13-14), му рекол потоа, покажувајќи го главниот пат по кој продолжиле нивните родители.

monah.stap.jpg

Современиот читател тешко дека ќе биде задоволен со ваквото образложение. Нели „световната” определба на венчаниот христијанин е, исто така, пат кој води во вечен живот? Како што ни кажува св. Андреј Критски во Големиот Канон:

Бракот е достоен, и брачната постела
е неосквернавена.
Зашто и двете нешта Христос ги благословил
Преку Своето овоплотување и
преку свадбата во Кана.

Има, меѓутоа, текстови во Новиот Завет коишто Симеон и Јован би можеле да ги цитираат за да ја оправдаат својата постапка. Христос ни вели да ги „мразиме” таткото и мајката, жената и децата (Лука 14:26), и им брани на потенцијалните ученици дури и да се збогуваат со своето семејство (Лука 9:61-2): таква е силата на божествениот повик. Настанот во долината на реката Јордан ни ја открива, така, карактерната црта што доминирала во целиот живот на Симеон: неговата желба буквално да ги примени „тешките зборови” од Евангелието, неговото одбивање на секаков компромис, неговиот максимализам.
Откако ги напуштиле своите родители, Симеон и Јован се спуштиле до манастирот на ава Герасим, до самата река Јордан; тука, истиот тој ден, игуменот им дал монашки потстриг. По два дена, одлучиле да ја напуштат киновијата и да заминат во пустината, за да продолжат да живеат како воски или „тревојадци”. Значајно е што тие постапиле така без да побараат дозвола од игуменот – послушноста спрема кој било земен авторитет не е карактерна црта во животот на јуродивите. Во случајот на Симеон и Јован, игуменот, всушност, бил предупреден во сон за нивното претстојно заминување, и тој ги пресретнал на манастирската порта за да им даде благослов. Но дури и да не бил таму за да ги благослови, тие би заминале.


Двајцата мажи се сместиле од спротивната страна на реката Јордан, блиску до Мртвото Море, каде што пронашле напуштена ќелија. Така, макар што за нив во Житието се применува изразот воскос, тие, всушност, не биле такви во буквална смисла бидејќи, за разлика од вистинскиот воскос, тие имале некакво, макар и примитивно живеалиште. Тие бргу ја достигнале постојаната молитва. Имале обичај секој сам да се моли, оддалечени на растојание до кое може да се дофрли камен: „Но, кога некого од нив ќе го нападнеле разни помисли или чувство на душевна рамнодушност, тој доаѓал при другиот и заедно го повикувале Бога да ги поштеди од искушението.” Дури и среде дивата суровост на пустината, елементите на пријателство и на заемна наклонетост ‡ онаа топлина на пријателство што Симеон и Јован ја почувствувале еден спрема друг кога за прв пат се сретнале во Светиот Град ‡ не слабееле.
Така нештата се одвивале триесет и една година. Симеон бил во раните педесетти години. Еден ден му рекол на Јован: „Што добиваме, брате, ако ги минуваме деновите во оваа пустина? Ако се согласуваш со мене, стани, да одиме и да ги спасуваме и другите.” Вџашен од предлогот, Јован со сите сили настојувал да го одврати Симеон од неговата намера, но овој продолжил со настојувањето: „Верувај ми, јас нема да останам, туку со силата на Христа ќе одам и ќе го исмејувам светот.” Јован, меѓутоа, чувствувал дека новоизбраниот пат на Симеон ‡ да се врати од пустината во градот, со цел „да го исмева светот”, е премногу тежок за него:

Те преколнувам во името на Господа, драг брате, не напуштај ме во мојата несреќа. Зашто, јас сè уште не сум достигнал до толку високо просветление, за да можам да го исмејувам светот. Но, заради Христа, кој нè здружи, не барај да се одвоиш од твојот брат. Ти знаеш дека, по Бога, јас немам никој друг освен тебе. 

Јован, исто така, го предупредил Симеон за можноста од демонска измама. Но, Симеон одговорил дека добил специјален повик лично од Бога: „Не плаши се, брате Јован; зашто, не го посакувам ова по мој личен избор, туку затоа што Бог ми го заповедал тоа.” Така, тие се разделиле, плачејќи горко.
Сега започнува карактеристичниот период во животот на Симеон, период за кој најдобро сме информирани, кога тој ја ставил маската на неразумниот. Тој прво заминал на поклонение во Ерусалим и неговата молитва на светите места гласела: „...сите мои дела да можат да останат сокриени до крајот на мојот живот, за да можам да ја избегнам човечката слава, којашто раѓа гордост и суета.” Така, мотивот за неговата одлука да го прифати патот на лажното лудило бил, пред сè, да избегне да биде сметан за свет човек; тоа бил пат на зачувување на понизноста. Но, како што ќе видиме, Симеон имал и други причини.

Од Ерусалим отпатувал за Емеса и веднаш почнал да ја игра улогата на јуродив:

Еве како тој влегол во градот: Блажениот нашол мртво куче на едно буниште надвор од градот и го врзал за едната нога со јаже со кое бил врзан околу појасот. Додека одел, го влечел зад себе мртвото куче, како да бега од него. Така влегол низ градската порта. Во близина се наоѓало училиште и кога децата го здогледале, почнале да викаат: „Гледајте, луд монах!” и почнале да трчаат по него и да го удираат. Наредниот ден, во недела, тој зел неколку ореви и влегол во црквата пред почетокот на Литургијата. Почнал да ги фрла оревите и да ги гаси кандилата. Кога се стрчале кон него за да го исфрлат надвор, тој се искачил на проповедницата и почнал да фрла ореви по жените. Со краен напор успеале да го истераат од црквата, но на излегување тој ги превртел столовите на продавачите на колачи. Овие толку силно го натепале, што едвај останал жив.

Неговиот живот во Емеса продолжил како што и започнал. Тој намерно и постојано ги провоцирал другите со своите апсурдни и бесрамни постапки. Ги нарушувал црковните правила јадејќи месо јавно, пред сите, за време на Светата Недела; треба да се истакне дека за сето време тој одел наоколу во монашка облека. Скокал и играл по улиците, ги спрепнувал луѓето и се преправал дека е епилептичар. Некој трговец го вработил да се грижи за неговата обновена продавница; во првата пригода, Симеон ја разделил бесплатно сета храна и сиот пијалак на сиромашните. Му била понудена и работа во крчма; еден ден, кога жената на крчмарот заспала сама, тој влегол во собата и почнал да се преправа дека сака да ја соблече, за да го разгневи нејзиниот сопруг кој токму во тој миг влегол во собата. (Но, како што ќе видиме наскоро, тој имал особена причина да го стори тоа). Во друга пригода, кога неговиот пријател Јован Ѓакон ‡ не треба да се меша со Јован кој му бил придружник на Симеон во пустината ‡ му препорачал да отиде во јавна бања и да се избања, тој со смеа одговорил: „Да, да одиме, да одиме.” Потоа среде улица, тој ја соблекол сета своја облека, ја врзал околу главата како турбан и се втурнал право во женскиот дел од бањата.


Читајќи ја сторијата на Леонтиј, го слушаме ехото на смеата на Симеон. Тој го следел избраниот пат на јуродив со смеа и со радост во срцето: „Понекогаш тој се опушташе, понекогаш скокаше наоколу, понекогаш се влечеше на задникот.” Повторно и повторно во Житието се среќаваат зборовите „забава” и „игра”; Симеон си играл неразумен во целосна и во вистинска смисла на зборот. Во тоа, во играњето неразумен заради Христа, во неговата чиста смеа, веројатно имаме искрена христијанизација на иронијата, основата на една теологија на шегувањето.

Симеон се дружел, пред сè, со оние што биле маргинализирани од општеството, со озлогласените и со отфрлените. Тој го минувал времето со актери и со актерки, чија професија ‡ гледано во целина ‡ била слабо ценета во тоа време. Ги посетувал проститутките, создавајќи посебен вид врски со одделни жени коишто ги нарекувал „пријателки”. „Почитуваните” и „важните” личности биле скандализирани поради активноста на овој необичен монах. Но сиромашните и отфрлените наскоро во него препознале вистински пријател и почнале спрема него да се однесуваат не со потсмев и со презир, туку, најчесто, со искрена наклонетост; кон него пројавиле љубов и пријателство. Беден во вистинска смисла на зборот, тој ноќе престојувал во една мала, напуштена колиба. Андреј Константинополски и голем број руски јуродиви го немале дури ни тоа, и обично спиеле под некоја стреа или пред влезот во нечија куќа, како бездомниците во богатиот но суров Лондон при крајот на дваесеттиот век. 


Леонтиј сосема јасно покажал дека за сето време додека престојувал во Емеса лудоста на Симеон била само преправање. Тој никогаш не бил вистински луд, туку, едноставно, се преправал. Додека со другите зборувал бесмислици, кога бил сам со Јован Ѓакон, зборувал сериозно и разбирливо. Во текот на целиот ден тој бил меѓу луѓето, однесувајќи се како да е луд; но ноќе, тој се повлекувал на скришно место, за кое знаел само уште Јован, каде во темница минувал часови и часови во молитва. Тој не бил само јуродив, туку и исихаст ‡ градски исихаст. Еднаш, кога го побарал по некаков повод, Јован видел „огнени топки како се издигаат од него кон небото; сè околу него беше како во вжештена печка полна со пламен, а тој стоеше во средината на пламенот, така што не се осмелував да му се доближам.” Опис што нè потсетува на св. Арсениј во Апофтегмата или на разговорот на св. Серафим со Мотовилов.


Макар што однесувањето на јуродивиот може да биде срамно, постојат некои ограничувања. Јавно, Симеон не ги почитувал правилата за постењето, но лично се придржувал на Големиот пост далеку построго одошто барале правилата. Јуродивиот не е расколник или еретик, туку верно Христово чедо: тој може да фрла ореви за време на Божествената Литургија, но тој, исто така, ја прима Светата причест, и воопшто не се сомнева во девственото раѓање на Христос и во Неговото воскресение. Тој е ексцентрик, но не е неморален. Макар што Симеон минувал денови и ноќи во крчми и во јавни куќи, самиот тој останал целосно непорочен и чист, запазувајќи ја вистинската девственост на духот; кога се галел со проститутки, тој не чувствувал сексуална желба, и никогаш ниту за миг не се одвојувал во срцето од Бога. Откако Симеон бил исфрлен од женската бања, во која влегол на така скандалозен начин, неговиот пријател Јован го прашал како се чувствувал меѓу толкав број голи жени. Симеон одговорил: „Како дрвен столб меѓу други дрвени столбови, ете како се чувствував. Јас не бев свесен дека имам тело или дека сум опкружен со други тела, туку сиот мој ум беше исполнет со Божјото дело и ниту за миг не се одвои од Него.” Постојаната молитва што му била дадена во осаменоста во пустината го придружувала насекаде во град; заедно со постојаната молитва, тој ја имал и  или бестрасност ‡ чистотата на желбите, внатрешната слобода, единството и целокупноста на телото и на душата.
Тој го следел патот на самопонижување, што самиот го избрал, до последниот миг. Умрел сам во својата колиба, покриен со гранки, зашто немал ниту кревет ниту прекривка. Неговите пријатели го пронашле по два дена. Тој бил погребан без служба, „без псалми, свеќи или икони”, на гробиштата за странци. Дури и во својата смрт, јуродивиот останува странец.  


„Ќе му се потсмевам на светот”

Таков е животот на Симеон; каква е, доколку воопшто постои, неговата духовна вредност? Можеме ли, едноставно, да повториме со Лукрециј, Тантум религио потуит суадаре малорум (Само религијата може да ги вразуми злите)? Дали во лажното лудило на Симеон гледаме само една жална абнормалност, или случај интересен за студентите по психопатологија, или е најдобро молкум да преминеме преку него? Или, пак, јуродивиот од Емеса може и денес нешто да нè научи?


Да започнеме со разгледувањето на основните карактеристики на определбата на Симеон да стане јуродив. Тој, како што видовме, бил монах, пустиник кој, по подолг престој во пустина, почувствувал повик да се врати во градот. По „полетувањето на осамениот кон Самиот”, се вратил да ги проживее преостанатите години од животот на улиците и на јавните места, опкружен со турканица и врева. Подеднакво како и св. Антониј Египетски, иако на поинаков начин, неговото духовно патешествие наликува на бегство по кое следува враќање. Андреј и повеќето од руските јуродиви, од друга страна, не биле монаси, и никогаш не воделе осаменички живот; во нивниот случај немало враќање од пустината, тие сиот свој живот го живееле во „светот”. Во некои други случаи, каков што бил животот на монахињата опишан од Паладиј, јуродивите живеат во киновитски манастири. Истакнувајќи ги овие различности, остануваат заедничките карактеристики: јуродивиот го бара својот пат во блиска заедница со другите луѓе. Постојат, навистина, одделни примери на јуродиви коишто сиот свој живот го минале во осамеништво, но тоа се исклучоци. Во речиси сите случаи шаблонот е таков. Јуродивиот може да води внатрешен живот исполнет со молитва, што може да им биде познато само на неколкумина, но може да се случи и никој да не знае за тоа; но во текот на неговиот секојдневен надворешен живот, тој е повикан да биде среде општеството, постојано да се среќава со луѓе и да се дружи со нив. Неговата определба бара од него да живее во заедница, да живее со својот ближен и за својот ближен. 

Општествена, но, исто така, и многу чудна определба. Која е, тогаш, причината Симеон да се врати од пустината во градот и да ја стави маската на лудиот? Се наѕираат три мотиви. Прво, причината што Симеон ја изнел пред својот придружник во пустината, Јован: „Одам да го исмејувам светот.” Леонтиј истакнува уште две други причини: „Некои од неговите постапки се преземени за спасение на човештвото и од сострадание, додека другите се спроведени за неговиот духовен дострел да остане сокриен.” Тоа се причините што го натерале Симеон да тргне по патот на неразумните:

„Ќе го исмејувам светот.” Овој аспект на определбата на јуродивиот можеме најдобро да го разбереме ако се потсетиме на зборовите на св. Павле од воведниот дел од Првото послание до Коринтјаните. Неговите зборови, цитирани од Леонтиј во предговорот на Житието на Симеон, го востановуваат царскиот карактер на јуродивиот: „она што е безумно за Бога, помудро е од луѓето... Ако некој од вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар... Ние сме безумни заради Христа” (1. Кор. 1:25; 3:18; 4:10).

Во почетокот, опишувајќи како Симеон ја напуштил својата мајка без да каже ниту еден збор за разделба, зборувавме за неговиот максимализам, за неговата желба зборовите на Евангелието да ги толкува буквално. Со истиот максимализам се соочуваме и ние. Неразумниот ги толкува зборовите на Павле буквално. А дали навистина е толку неразумно ако се прифати дека кога Павле вели: „Нека се ослободи од мудроста”, тој навистина мисли токму така како што кажува? Како што забележува Г. П. Федотов:

Ние сме толку свикнати на парадоксот на христијанството, што во страшните зборови на Павле тешко забележуваме нешто друго освен обично реторичко претерување. Но, Павле тука инсистира на радикална непомирливост со двата поредока ‡ поредокот на светот и поредокот на Бог. Во Божјото царство владеат вредности што се сосема спротивни на нашите земни вредности.

Јуродивоста заради Христа, продолжува Федотов, ја изразува „суштинската потреба да се открие радикалната спротивставеност меѓу христијанската вистина, од една страна, и заедничкото и моралното чувство на светот.”

Токму тоа е целта на јуродивиот во „исмејувањето на светот”. Преку својот начин на живеење, тој ја тестира „непомирливоста”, фундаменталната различност што постои меѓу двата поредока или двете нивоа на постоење: меѓу оној во сегашниот век и оној во Идниот Век, меѓу царството на овој свет и небесното Царство, меѓу ‡ според терминологијата на св. Августин ‡ „земниот град” и „Божјиот град”. Тој инсистира на „целосна инверзија на вредностите”; во Божјото Царство перспективата е обратна, пирамидата стои на својот врв. Ова е вистинското значење на покајанието, метаноја, „преумување” ‡ не чувство на вина ‡ туку вистинско преуредување на приоритетите, радикално ново разбирање. Неразумниот во таа смисла е пар еџцелленце оној кој се покајал. Со зборовите на Ирина Горајнова (Ирина Гораинофф), „тој живее обратен живот”; тој е „жив сведок на антисветот, на можноста за неможното.” Тој живее во наопаку свртениот свет, претставен од Христа во проповедта за блаженствата.

„Превртениот живот” на неразумниот е предизвик, вели Федотов, и за „здравиот разум” и за „моралното чувство” на нашиот паднат свет. Преку својата внатрешна слобода, преку својата смеа и желбата да си игра, тој го „исмева” и го става под сомневање секој обид христијанскиот живот да се редуцира до ниво на конвенционалните морални стандарди. Тој ги исмева сите форми на легализирање коишто го туркаат христијанството во збирка на „правила”. Тој жестоко се противи на оние што, според зборовите на Христос Јанарас, „ја идентификуваат верата и вистината со секуларизираниот концепт за моралната исправност и конвенционалната пристојност”. Јуродивиот, додава Јанарас, е „инкарнација на фундаменталните пораки на Евангелието: дека секој може целосно да се придржува до Законот без да настојува да се ослободи од своето биолошко и психолошко его, од расипаност и од смрт.” Значајно е што Леонтиј, во својот предговор на Житието на Симеон, инсистира на исклучителната важност на личната совест: неразумниот не е воден од објективизираните „закони”, туку од гласот на Бог, кој зборува директно во срцето. Така, јуродивиот ја искажува ‡ да ги употребиме зборовите на Сесил Колинс ‡ „вечната грижа за човековиот идентитет”. Тој е сведок за првенството на личностите над правилата.

Исмевајќи го светот, неразумниот ја симнува маската на лицемерието, ги демистифицира правилата и го открива присуството на човекот зад фасадата на достоинството и честа. Неразумниот е оној кој се осмелува да каже дека царот оди гол. За да ги разбуди другите од нивното „побожно” задоволство, тој често применува тактика на шок. Па сепак, негова цел ‡ дури и кога го прекинува постот или ја попречува Божествената Литургија ‡ не е создавање конфузија во верата на луѓето, или замаглување на вистината на Црквата. Неразумниот, како што беше кажано за Симеон, не е расколник или еретик. Тој не го исмева Светото Писмо или Верата, Светите Тајни или иконите. Тој само ја исмева помпезноста и самодоволноста на оние што заземаат високи позиции во црквата и ,сериозните‘, што го мешаат надворешното дејство со внатрешниот живот. Неговиот протест не е деструктивен, туку ослободувачки и креативен. „Исмејувајќи” го светот, како што правилно се истакнува во ерменската верзија на Житието на Симеон, неразумниот, исто така, му „носи мир” на светот.
Во неговото исмејување на овој паднат свет, на јуродивиот може да се гледа како на есхатолошка фигура којашто го потврдува приматот на Векот што доаѓа. Тој е „знак”, носител на сведоштвото дека Царството на Христос не е од овој свет. Тоа ни помага да разбереме зошто неразумните доаѓале до израз главно во периодот кога христијанството било цврсто „востановено” во системот на социјалниот ред, и кога точно се знаело што му припаѓа на Кајсар, а што на Бога. Во првите три века од нашата ера, кога христијанството било потиснувано и прогонувано, немало особена потреба за сведоштвото на неразумниот: во тоа време, од страна на доминантните општествени слоеви, сите христијани биле сметани за неразумни. Но кога ‡ како во христијанизираното Источно Римско царство од четвртиот век наваму, или во сакралната московска автократија од шеснаесеттиот век ‡ луѓето биле во опасност да го помешаат земното со Божјото царство, тогаш се јавила итна потреба од исмејувањето од страна на неразумните. Слично како и монахот, и неразумниот служи како суштинска рамнотежа на „христијанството” кое премногу лесно му се додворува на светот.

Како знак и сведоштво за Царството, јуродивиот има многу заеднички нешта со децата. Особената врска меѓу нив е искажана во грчката поговорка: „Ако сакате да ја дознаете вистината, прашајте некое дете или некој неразумен.” Во Русија постоел обичај децата да се однесат кај неразумниот за да ги благослови. Св. Исак, светиот јуродив од Киев, многу сакал да ги собира децата околу себе и да си игра со нив; а во нашите денови св. Јован Максимович, кој имал многу сличности со јуродивите заради Христа, исто така покажувал особена љубов спрема децата. Во својата слобода, во својата невиност и девственост на духот, јуродивите се тие што станале „како малите деца” (споредете Матеј 18:3), и што ги научиле тајните „скриени од мудрите и разумните”, но „откриени на младенците” (Матеј 11:25). „Пред божеството, човекот е како дете”, вели Хераклит; неразумниот го прифаќа ова во своето срце и, како дете пред божество, си игра. Неразумниот изразува нешто што се наоѓа во секој од нас додека сме деца, но што подоцна премногу често е задушувано во текот на нашето растење, нешто што треба повторно да го откриеме и да го вратиме во живот. Но, кога јуродивиот си игра, тој, исто така, е и сериозен: неговото смеење е блиску до плач, зашто е чувствителен како на трагедијата во овој свет, така и на комедијата. Тој ги поврзува животната радост и животната тага.

Поради своето детско однесување и желбата да си игра, јуродивиот понекогаш е сакан, како што бил сакан Симеон од Емеса. Но, од него најчесто се плашат и го мразат. Болно е да се гледа со каква садистичка жестокост се постапувало со повеќето јуродиви во текот на нивниот живот. Зошто светот толку ги мрази и се плаши од јуродивите? Затоа што е слободен, светот е вознемирен од неговата слобода; затоа што е бесполезен и не бара власт, светот не може да го експлоатира.

Такво е, значи, првото значење на неразумниот заради Христа. Јуродивиот претставува сведоштво за основната разлика меѓу човековата и божествена мудрост. „Исмевајќи” ги сите форми на конвенционалната моралност базирана на правила, тој ја потврдува главната вредност на личноста. Како мало дете, тој покажува во насоката кон Небесното царство што е сосема поинакво од секое земно царство.

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 

Друго:

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3216
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7708
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

25/12/2024 - среда

Божикен пост (пост на масло)

+Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски; Светиот свештеномаченик Александар, епископ Ерусалимски; Светиот маченик Разумник; Преподобен Герман Алјаски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная