24/09/2015 Поуки - совети
Господ ни Го даде Светиот Дух и ние ја научивме песната Господова, и од сладоста на љубовта Божја ја забораваме земјата.
Љубовта Господова е огнена и не ни дава да се сеќаваме на земјата.
Кој ја има искусено, тој дење и ноќе, ненаситно ја бара и ита спрема неа. Ние ја губиме неа заради гордоста и славољубието, омразата спрема братот, заради осудување и завист, таа нè остава заради блудна мисла, заради пристрасност кон земните нешта, заради сето ова нè остава благодатта, и тогаш опустошена и жална душата тагува по Бога, како што нашиот прататко Адам тагувал по изгонувањето од рајот.
Адам со солзи викаше кон Бога:
“Тагува душата моја по Тебе, Господи, и со солзи Те барам. Погледни на мојата мака и просвети ја мојата темнина, за да се возрадува мојата душа.
Јас не можам да Те заборавам. Како да те заборавам? Твојот тивок и кроток поглед ја привлече мојата душа. И мојот дух се радуваше во рајот, каде што го гледав Твоето лице. Како да го заборавам рајот, каде што ме веселеше љубовта на Небесниот Отец?”
Ако светот ја знаеше силата на Христовото слово: “Научете се од Мене на смирение и кроткост”, тогаш целиот свет, целата вселена ќе ги оставеше сите други науки и ќе ја учеше само оваа небесна наука.
Луѓето не ја знаат силата на Христовото смирение. И заради тоа ги влече земното. Но човекот не може да ја познае силата на тоа слово Христово без Светиот Дух. А кој ја познал тој нема да ја остави таа наука, дури и да го збогатат со сите светски царства.
Господи, дај ми го Твоето смирение, да се всели во мене љубовта Твоја, и да живее во мене Твојот свет страв.
Тешко е да се живее без љубовта спрема Бога. На душата ѝ е темно и тесно. Но кога доаѓа љубовта, тогаш е невозможно да се опише радоста нејзина.
Мојата душа жеднее да го стекне Христовото смирение, и тагува по Него дење и ноќе, и понекогаш извикувам: Тагува душата моја по Тебе, Господи, и со солзи Те барам.
Тропар глас 2:
Со серафимска љубов кон Господа топол ревнителу, и на Еремија, кој плачеше за народот, усрден подражателу, себлажен отче Силуане, слушајќи го повикот од Мајката на Господа на силите, змијата гревовна смеломудрено си ја победил, на Гората Атонска од суетата на светот си се оддалечил, каде во труд и молитва со солзи, благодатта на Светиот Дух обилно ја стекна. Со неа, срцата наши запали ги, и со тебе умилно да повикуваме, укрепи не: Господи мој, Животе мој и Радосте СВета, спаси го светот и нас од секакви маки.
Тропар глас 3:
Како проповедник на љубовта Христова, си ѝ бил даден на вселената, ти најсладок во богословите, преподобен отче, зашто си Го видел Смирениот и Кроткиот, и со срцето си Го познал; затоа и ние сите, Силуане преблажене, просветлувани од твоите богоглаголиви зборови, Го славиме Духот Кој те прослави.
Кондак, глас 1:
Од страсти помрачената душа моја, себлажене Силуане, исцели ја и очистија со твоите молитви, да те повикувам со радост, како оној кој стекнал слава во Бога. Слава Му на Христа, Кој те прослави, слава Му, Кој те восхити, слава Му на Оној, Кој кротко ти се јави, и со радост бесконечна те исполни.
(Архимандрит Софрониј Сахаров, Старец Силуан – Есекс: Манастир на Свети Јован Претеча, 1990. стр 219-220).
Извор: преспанско- пелагониска епархија